Пластични кеси: Изумот кој требаше да ја спаси планетата, стана една од најголемите причини за нејзино уништување

Секоја година на 3 јули се одбележува Меѓународниот ден без пластични кеси.

Насекаде околу нас постојано гледаме кеси кои се користени само еднаш, а се фрлени насекаде околу нас. Затоа и се поставува прашањето зошто ни е потребно нешто што се користи само еднаш?

Меѓународниот ден без пластични кеси се одбележува од 2008 година, на иницијатива на организацијата Zero Waste Europe. Оваа глобална иницијатива има за цел да се елиминира употребата на кеси за еднократна употреба, но и да ги потсети граѓаните за опасноста од загадувањето од нивната употреба. Во својата прва година, настанот е само одбележан во Каталонија, но подоцна тој се проширува во повеќе земји во Европа.

Според оваа организација, на една кеса и се потребни 100-500 години за да се разгради, зависно од пластиката која е користена. Податоците покажуваат дека 1 милион пластични кеси се користат на глобално ниво на секоја минута. Во голем дел од светот, тие предизвикуваат големи проблеми. На пример, милиони фрлени кеси ги затнуваат каналите за одвод и канализација во урбаните подрачја на Бангладеш. Кога ќе започнат монсунските дождови, улиците се поплавуваат во првите неколку минути бидејќи водата не може да помине низ цевките на каналите.

Според организацијата „Нула отпад Европа“, доколку не престане таквиот тренд, за 30 години фрлените кеси во океаните и морињата ќе го надминат бројот на живи суштества кои живеат во нив. Но, пластичните кеси се штетни и за човековото здравје. Тоа се должи на загриженоста на научниците дека не знаеме со сигурност како нашето тело, односно метаболизам и имунитет реагираат на зголемената концентрација на пластични честички. Се смета дека со нивното користење, внесуваме штетните материи во нашето тело.

Во нашата земја, пластичните кеси беа забранети од употреба од 1 декември 2021 година. Ова беше една од новините кои беа предвидени со измените на пакетот од шест закони со кои се регулира третманот на отпадот и отпадот од пакување во земјава. Иако досега немаме официјални податоци за употребата на кесите во нашата држава, според последната објава на Министерството за животна средина по една година во 2022 година за десет пати е намалена употребата на пластични ќеси откако на сила стапи законот за нивна забрана. Соседна Србија во април објави податоци дека е намалена употребата за 80 проценти за Ирска знаеме дека од воведувањето на забраната за користење пластични кеси, нивната употреба е намалена за 90 %.

Според зборовите на Стен Густав Тулин, изумителот на пластичните кеси, неговата цел била тие да ја спасат планетата. Тие се измислени во 1965 година, со цел да се престане сечењето и уништувањето на дрвјата, за жал се претворија во најголемо зло за живиот свет.

 

 

 

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави