Полициска бруталност, Париз, Франција, март, 2023 година (скриншот од видео на социјалните мрежи)

Полициска бруталност врз демонстрантите против новиот пензиски закон во Франција

На социјалните мрежи објавени се видеа на кои се гледа како француската полиција брутално тепа демонстранти – комунални работници кои протестираат против законот за пензиски реформи, односно зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години без гласање во парламентот.

Профилот на Твитер со име Hassan Mafi ‏@thatdayin1992, во објавата прашува зошто западните медиуми не известуваат за полициската бруталност во Франција, придружено со видеа од полициско насилство врз протестантите.

Француските комунални работници, работниците во рафинеријата и други, штрајкуваа во вторникот против одлуката на претседателот Емануел Макрон да го изнуди нацрт-законот за покачување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години без гласање во парламентот. Овој потег на Макрон налути многумина во Франција, пишува Њујорк Пост.

Париската полиција во вторникот соопшти дека 234 лица биле уапсени во текот на ноќта во главниот град главно поради палење ѓубре на улиците.

Претежно мали, расфрлани протести се одржаа во градовите низ Франција, некои прераснаа во насилство доцна во понеделникот. Во Париз, мали групи излегоа на улиците за да ги запалат купиштата ѓубре што се формираа поради штрајкот на собирачите на ѓубре во главниот град, кој е во 16-ти ден.

Шефот на париската полиција, Лоран Нуњез, рече дека насилството било предизвикано од групи од 300 луѓе кои брзо се движеле низ главниот град.

Нуњез за БФМ ТВ, изјави дека наредил внатрешна истрага откако полицаец бил снимен како удира човек кој одел наназад, и потоа  паѓа на земја. Видеото беше масовно споделено на француските социјални мрежи.

Премиерката Елизабет Борн ја изрази „солидарноста“ на владата кон 400 полицајци кои беа повредени во последните денови, вклучително и 42 во текот на ноќта.

Францускиот претседател, чиј пензискиот план стана централниот дел од неговиот втор мандат, ќе зборува во среда на националната телевизија – првпат откако минатата недела донесе одлука да ја искористи специјалната уставна моќ на владата за да го изнуди законот во парламентот.

Париските полициски власти во вторникот соопштија дека им наредиле на вработените комуналната хигиена, да работат за да обезбедат „минимална услуга“.

Се вели дека 674 вработени се опфатени со наредбите, дозволувајќи им на 206 камиони за ѓубре да работат од минатата недела.

Во меѓувреме, испораките на нафта во земјата беа делумно прекинати поради штрајкови  во неколку рафинерии во западна и јужна Франција.

Министерството за енергетска транзиција во вторникот рече дека ќе бара некои вработени кои се „незаменливи за функционирањето“ на складиштето за нафта Фос-сур-Мер, во јужна Франција, да се вратат на работа. Овој потег доведе некои демонстранти да се упатат кон местото за да ги поддржат штрајкувачите.

Избувнаа одредени тензии меѓу демонстрантите кои се обидуваа да го блокираат пристапот до локацијата, некои фрлаа камења, а полицијата употреби солзавец за да ги оддалечи. Синдикатите повикаа на нови национални протести во четврток (денеска) со барање владата да го повлече законот за пензионирање, пренесува Њујорк Пост.

АКТУЕЛНО