Повредени 25 војници на КФОР на северот на Косово – Што нагласија земјите на НАТО

Ситуацијата на северот на Косово, особено во Звечан, ескалираше во текот на вчерашниот ден, бидејќи српската толпа ги нападнала припадниците на КФОР, кои стоеле пред нив. Како резултат на насилството повредени се 25 војници на КФОР, што наиде на широка осуда од меѓународната заедница.

Прв кој реагираше на српските насилства беше министерот за надворешни работи на Италија, Антони Тајани, која посочи дека се повредени 11 италијански војници. Тој напиша дека се солидаризира со повредените.

„Сакам да изразам солидарност со војниците на мисијата КФОР кои беа повредени на Косово за време на судирите меѓу српските демонстранти и косовската полиција. Меѓу нив 11 Италијанци, од кои 3 се во тешка состојба, но надвор од животна опасност. Италијанската армија продолжува да се залага за мир“, напиша Тајани на Твитер.

По него реагираше и шефот на Тајани, Џорџија Мелони, премиер на Италија, која напиша дека овие напади се апсолутно неприфатливи и неодговорни.


„Ова што се случува е апсолутно неприфатливо и неодговорно. Нема да толерираме понатамошни напади врз КФОР. Заложбата на италијанската влада за мир и стабилност на Западен Балкан е максимална и ние ќе продолжиме да работиме со нашите сојузници. Ја потврдувам мојата блискост со италијанската армија и силната благодарност на владата за исклучителниот професионализам и пофалниот дух на служба што го покажуваат во сите околности“. – нагласи Мелони.

Во кратка, но многу јасна реакција, НАТО нагласи дека најостро ги осудува неиспровоцираните напади врз трупите на КФОР.


„НАТО силно ги осудува неиспровоцираните напади врз трупите на КФОР на северот на Косово, кои доведоа до ранување на голем број од нив. Ваквите напади се целосно неприфатливи. Насилството мора веднаш да престане. Ги повикуваме сите страни да се воздржат од активности кои дополнително ги поттикнуваат тензиите и да се вклучат во дијалог. КФОР ќе ги преземе сите неопходни активности за одржување на безбедна средина и ќе продолжи да дејствува непристрасно, во согласност со својот мандат според Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1999 година“. – изјави портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску.

За сите овие настани зборуваше и американскиот амбасадор Џеф Ховениери, кој изрази загриженост за насилството на северот врз КФОР.

„Загрижени сме поради извештаите за насилство врз службениот имот, имаме графити на возилата на КФОР и полицијата, слушнавме и за напади врз новинари; и мојот колега од ЕУ твитна за тоа. Ние го осудуваме ова. Ова не е соодветна реакција, во демократските општества е потребен мирен протест, да се протестира мирно. Насилството и заканите кон луѓето не се прифатливи“. – нагласи тој.

Инаку, насилството врз КФОР го осудија институциите на Косово, вклучително и Владата, Собранието и Претседателството на Косово. За овие напади врз КФОР зборуваше и Албанија, преку премиерот Еди Рама, кој го осуди насилството врз припадниците на КФОР.

Н. А. 

АКТУЕЛНО