Прегазена жена во Ѓорче Петров- Град Скопје постави семафори на крстосницата, ама цела недела трепкаат жолто

Вчера во 17.30 часот било пријавено дека во Скопје на крстосницата од ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Знеполе“ и ул.„Мајски манифест“ патничко моторно возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Х.А.(66) од с.Љубин-скопско, удрило во М.С.(47) од Скопје.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила М.С., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.

Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

Град Скопје на оваа крстосница пред една недела постави семафори после долгогодишни барања од жителите кои живеат во овој дел од градот, затоа што, како што информира градоначалничката Данела Арсовска, оваа крстосница важи како една од најцрните сообраќајни точки во Скопје, а поставувањето нов семафор и покрај барањето на жителите било игнорирано од надлежните со години.

Сепак семафорите веќе цела недела трепкаат на жолто.

Безбедноста на граѓаните на градот Скопје е приоритет за градската администрација, поради што во рамки на кампањата за подобрување на безбедноста на сообраќајот во главниот град на главните детектирани сообраќајни црни точки се имплементираат нови решенија за зголемување на безбедноста и сигурноста за сите учесници во сообраќајот, меѓу кои и овој семафор – рече Арсовска.

Во коментар на нејзината објава на Фејсбук, многу граѓани посочуваат и други локации каде е неопходен семафор, како на пример во Ново Лисиче на последна 5-ка, на улицата Борис Сарафов во Ѓорче Петров, како и на првиот влез во Пинтија, на крстосницата на булевар Борис Трајковски со улицата Саса 2 каде што се наоѓаат училиште и детската градинка.

Итно поставување семафори бараат и граѓаните од Аеродром, на крстосницата на улиците Васко Карангелевски и Ангел Динев, каде во моментов и возачите и пешаците чувствуваат дека е небезбедно за минување.

Се очекува Град Скопје да преземе мерки што побрзо на оваа улица и да не ги остави граѓаните три децении да молат за семафори.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави