По што се разликува Саемот на книга 2024 од претходните саеми?

Денес почнува најголемиот книжевен настан Саем на книга на кој ќе се претстават повеќе од 60 издавачи, со богата програма од преку 30 промоции, детски работилници, настани, дискусии. Саемот на книга 2024 е отворен за посетители од 10:00 часот, додека официјалното отворање на кое ќе се обрати и Министерката за култура, г-ѓа Бисера Костадиновска Стојчева, ќе се одржи денес во 13:00 часот.

 

Годинава Саемот воведува поинаков концепт на изложување со тоа што централните позиции ги заземаат помалите издавачи. Сања Кондарко, оперативниот директор на Саем на книга објаснува зошто е тоа така: „Годинава се воведува и нов концепт на поставка на штандовите, за подобра видливост на сите изложувачи и издавачи, а помалите издавачи во однос на квадратурата ќе бидат визуелно подостапни до публиката. Ваквата поставка е направена на предлог на Македонската асоцијација на издавачи, а Арената Борис Трајковски комплетно е адаптирана за соодветно изложбено саемско претставување на издавачите. Сметаме дека локацијата не е пресудна за подобра продажба туку најбитна е понудата на издавачите и соодветната интеракција со публиката“.

Сања Кондарко

 

Фокусот годинава ќе биде на младите македонски автори со цел да им се даде поддршка и ветер во грб за промоција на нивните дела.

„Радува фактот што се зголемува бројот на домашни автори во последните неколку години вклучувајќи и помлади автори. Саемот претставува празник на љубителите на пишаниот збор бидејќи овозможува директен контакт со омилените писатели. Бидејќи Саемот во своите програмски активности нуди можности за организирање промоции и дружби со автори на сите издавачи кои учествуваат на Саемот, младите автори добиваат уникатна можност за промоција пред пошироката публика“, изјави Кондарко за читателите на Трн.

 

И слоганот годинава „Приказна се чита“ е во корелација со новите генерации и токму затоа произлегува од „story“ кој што младите како формат за споделување содржина го користат на социјалните медиуми.

Третата новост се однесува на Фелоушип програмата, која е програма што се установува оваа година и е организирана од страна на МАИ а е поддржана од Министерството за култура.

Фелоушип-програмата трае од 17 до 20 април. Оваа гости на Саемот се пет гости – книжевен агент од Франција, но и претставници од Словенија, Грција, БиХ и од Црна Гора.

 

Учесниците на програмата ќе можат одблизу да го видат Саемот на книгата и да ги запознаат македонските издавачи. Во рамки на програмата се предвидени организирана прошетка низ Саемот на книгата, „брзи состаноци“ со македонски издавачи, презентација на Конкурсот за странски преводи на македонски автори на Министерството за култура на Република Северна Македонија, панел-дискусија за време на саемот во којашто ќе учествуваат учесниците на Фелоушип-програмата, како и неформални дружења со македонски писатели, издавачи, преведувачи… и туристичка тура низ Старата чаршија и центарот на Скопје, која ќе ја води нашиот писател Васко Марковски.

Целта на Фелоушип-програмата е да ги запознаеме издавачите и книжевната агентка со нашето издаваштво, со трендовите во современата македонска книжевност, со нашите најистакнати писатели и да им „откриеме“ дела што можат да ги внесат во својата издавачка програма. Воспоставувајќи директен контакт и лични релации ќе ја зголемиме меѓународната соработка на нашите издавачи и продажбата на авторски права за книги од македонски автори.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави