Search
Search

Премиера до последно седиште: „Преекспонирано“ од денес во македонските кина

Светската премиера на филмот „Преекспонирано“ се случи на А фестивал во официјална конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро, кој се одржа од 13 до 22 ноември

 

Дебитантскиот филм „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова синоќа ја имаше својата премиера пред македонската публика во киното „Фросина“. Премиерата беше исполнета до последното седиште, а по завршувањето на проекцијата екипата заслужна за продукцијата на филмот беше дочекана со овации. 

 

Посетителите имаа прилика да ги видат оригиналните фотографии кои се користат во филмот и се изработени со аналогни фототехники и со користење на „ Ефектот Сабатиер“, односно „соларизираниот“, т.е. „преекспонираниот“ ефект по кој филмот го добива своето име.

На коктелот посетителите имаа прилика лично да им честитаат на режисерот, продуцентот, актерската екипа и останатите филмски работници, како и да уживаат во живата изведба на авторските нумери од филмот од авторот Лео Поповиќ а.к.а. Долорес.

Сара Климовска толкува една од главните улоги

Филмот од денес е на редовен репертоар во Синеплекс и Милениум во Скопје, Киноверзум во Велес и Свети Николе. На 29.04. филмот ќе ја има и својата премиера во НУЦК „Бели мугри“, Кочани. а наскоро ќе се најде и низ другите кина низ земјата.

Веселинов, режисерката Венинова, Тоциновски и продуцентот Кралевски на премиерата во Каиро

Светската премиера на филмот „Преекспонирано“ се случи на А фестивал во официјална конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро, кој се одржа од 13 до 22 ноември, минатата година. Азиската премиера, пак, се одржа на Меѓународниот филмски фестивал во Пуне, Индија од 2 до 9 февруари оваа година. 

Меѓу гостите и Миланка Рашиќ, ТВ-автор и продуцент

Во Европа „Преекспонирано“, изминатата недела се прикажа на новиот филмски фестивал Еуразја во Варшава, Полска, а ќе се натпреварува и на фестивалот „КинЕст Фест“ во Катанија, Сицилија. 

Венинова работела десет години на филмот, кој се снимаше во вонредни услови во време на пандемијата на Ковид-19. Таа го дефинира филмот како психолошка драма, која делумно е инспирирана од вистински настани. Во главни улоги се Благој Веселинов, Камка Тоциновски и Сара Климоска, двете актерки кои соработуваа и во последните два филма на Милчо Манчевски, „Врба“ и „Кајмак“.

Во фокусот е брачна двојка која престојува во својата викенд-куќа во Охрид и нивните мир и брачна идила се нарушени од доаѓањето на една тинејџерка, која е ќерка на нивни блиски пријатели. Нејзините емоции, присуство и тинејџерски проблеми ќе ги натераат да го преиспитаат својот брачен живот.

Продуцент на филмот е Гоце Кралевски. Директор на фотографија е Лев Предан Коварски од Словенија, композиторка на оригинална музика е Линдзи Рајт од Велика Британија, сценограф е Срѓан Митровиќ од Србија, а костимографка е Жаклина Крстевска. Покрај Агенцијата за филм на Северна Македонија, филмот беше поддржан и од Филмскиот институт на Србија и европскиот фонд Еуримаж. 

АКТУЕЛНО