Приведено е уште едно лице за убиството на докторот во Железара

Според првичните наоди, министерот за внатрешни работи во техничката Влада вели дека мотивот на убиството на докторот не е поврзан со професијата
Приведено е уште едно лице во врска со убиството на 67-годишниот доктор кој минатиот четврток доцна навечер беше пронајден убиен во близина на поликлиниката „Железара“. Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски од Босилово, одговарајќи на новинарско прашање кои се новите информации во истрагата за убиството на докторот.

„Значи, приведени се вкупно три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови, се продолжува со други истражни дејствија, со цел да може да се утврди соодветно фактичката состојба. Штом имаме дополнително нови информации, јавноста ќе биде известена“, рече тој.

Тошковски во вчерашното гостување во поткастот „Претрес“ информира дека се приведени две лица во врска со убиството на докторот во скопската населба Железара, како и дека се врши претрес и на уште една локација.

Според него, преземени биле 20 истражни дејствија и за седум дена биле прегледани над 50 камери, односно видеозаписи.

„Се врши претрес на одредена локација. Имаме осомничени луѓе за убиството, има одредени материјални траги кои нѐ водат до овие осомничени, две лица се приведени и се надевам дека во најкратко можно време ќе можеме да излеземе со детали за овој дел од истражните дејствија“, вели министерот.
Според првичните наоди, Тошковски вели дека мотивот на убиството на докторот не е поврзан со професијата.

Пред неколку дена од Министерството за внатрешни работи рекоа дека истрагата е во напредна фаза, а биле извршени разговори со повеќе од 15 лица, а прегледани биле од 40 камери, вклучувајќи ги и тие на „Безбеден град“.

Матичните лекари во понеделникот од 12 до 16 часот привремено ги затворија своите ординации во знак на револт, но истовремено и почит кон нивниот колега.

Шеесет и седумгодишниот матичен лекар А. К. беше пронајден избоден до смрт во четвртокот доцна вечерта во неговиот автомобил „киа“ паркиран во близина на поликлиниката „Железара“. Неговото безживотно тело, како што информираа од Министерството за внатрешни работи и од републичкото Јавно обвинителство, го нашле членови на неговото потесно семејство кои тргнале да го бараат откако не се вратил дома од работа.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави