Руската полиција претресе станови на активисти на Меморијал, им се припишува „рехабилитација на нацизмот“

Руската полиција претресе најмалку шест станови на водечки активисти за граѓански права од Здружението Меморијал, соопшти денеска руската организација за човекови права OВД-Инфо.

Во октомври 2022 година, Меморијал беше еден од тројцата добитници на Нобеловата награда за мир, заедно со белорускиот активист за човекови права Алес Бјалачки и Украинскиот центар за граѓански слободи.

Активистите на Меморијал се обвинети за „рехабилитација на нацизмот“.

На удар на властите е и Јан Рачински, лидерот на Меморијалот, особено откако при примањето на наградата ја критикуваше руската војна во Украина во декември.

На крајот на 2021 година, Врховниот суд на Русија нареди распуштање на невладината организација Меморијал Интернационал, со обвинувања дека „систематски го прекршила“ т.н. законот за „странски агенти“.

Рускиот закон за „странски агенти“ беше усвоен во 2012 година и неколку пати беше изменет.

Тој бара од невладините организации кои добиваат странска помош, а за кои Владата смета дека се занимаваат со политички активности, да бидат регистрирани и идентификувани како „странски агенти“ и да подлежат на ревизија.

Тековната истрага, започната претходно овој месец, се однесува на наводите дека списокот на жртви на прогон на Меморијалот вклучува луѓе кои биле соработници на нацистите за време на Втората светска војна.

Меморијал беше основан во 1987 година од активисти за човекови права во поранешниот Советски Сојуз кои сакаа да се погрижат жртвите на угнетувањето на комунистичкиот режим никогаш да не бидат заборавени. Организацијата е исто така на чело на напорите за борба против милитаризмот, промовирање на човековите права и владеењето на правото.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави