Search
Search

Саем на македонска традиционална храна „Домашно, природно, вкусно“

Саем на македонска традиционална храна насловен „Домашно, природно, вкусно“, ќе биде одржан утре во Скопје City Mall. Како што соопштуваат од Националната федерација на фармери, сите посетители на саемот ќе имаат можност да го искусат најдоброто од домашно произведените продукти, подготвени и изложени од рурални жени, млади земјоделци и лица со попречености.

Оваа иницијатива е во организација на Националната федерација на фармери и Скопје City Mall, поддржана од проектот „Поддршка на пазарните врски за руралното население со акцент на лицата со попреченост, руралните жени и други ранливи групи”.

Проектот се реализира со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка GIZ, во рамките на проектот „Поддршка на диверзификацијата на економските антивности во руралните подрачја на Југоисточна Европа (SEDRA II)”.

-Ве покануваме да бидете дел од овој настан, да го поддржите традиционалното и вкусното, и воедно да испратиме заедничка порака послание за еднаквост и интеграција, порачуваат од Национакната федерација на фармери..

Додаваат дека саемот не е прилика посетителите да уживаат само во вкусната македонска традиционална храна, туку и можност за образование и поддршка. На 20 штандови ќе бидат изложени најразновидни производи како што се лутеници, ајвар, природни сокови, путери, мармалади, маџун, мед, домашна храна, ракотворби и домашно произведена козметика.

Во рамките на овој настан, ќе се одржи и работилница со наслов „И ние, лицата со попреченост, имаме право на еднаквост и пристап до сите услуги и можности”. Целта на работилницата е да ја подигне свеста за предизвиците што ги искусуваат лицата со попреченост од руралните средини и да ги промовира правата и благосостојбата на овие лица во нашето општество.

Националната федерација на фармери посочува дека преку овој настан се обидуваат да ја зголемат свеста за предностите што произлегуваат од интеграцијата на лицата со попреченост, младите и жените од руралните средини во социјалниот и економскиот живот. Оваа иницијатива е шанса заеднички да се создадат позитивни промени,порачуваат организатрите и ги повикуваат сите да бидат дел од неа и да ја поддржат.

АКТУЕЛНО