Фото/Фацебоок

Се чисти низ Скопје, на акција вработените во општините и учениците

Традиционалниот „Генералка викенд“, односно масовната акција за чистење на животната средина која ја поддржаа педесетина општини во државата, денеска се спроведува и низ скопските општини. Чистеа вработените во локалните администрации, учениците, а во акцијата се вклучија дури и најмалите, дечињата од градинката.

Во општина Аеродром во акцијата учествуваше и градоначалникот Тимчо Муцунски, кој заедно со ученици од „Лазо Ангеловски“, освен што беа активни на терен се вклучија во онлајн разговор каде зборуваа за акцијата, за проектите насочени кон подобрување на животната средина и условите за живот, како и потребата од покажување одговорност кон заедницата во која живееме.

Голем интерес за втората акција “Генералка викенд” имаше и во општина Ѓорче Петров.

„Вработените во координација со училиштата, членови на Советот и волонтери на Црвениот крст собираа смет на шест локации низ општината со цел подигнување на свеста за чиста животна средина. Ова е наш придонес кон зајакнувањето на еколошката одговорност кај сите. Апелирам секојдневно да се грижиме за здрава животна средина и да одлагаме смет само на места кои се означени за депонирање„ – вели градоначалникот Александар Стојковски.

Во еко акција во Општина Карпош се вклучија децата од училиштата и градинките. Освен собирање отпад, основците и дечињата од предшколските установи рециклираа отпад кои го селектираат во посебни кеси од „пакомак“. Со денешната акција, всушност започнува „Генералка Викенд“ во Карпош, кој ќе трае до недела, соопштија од Општината..

Во Центар учениците и децата од градинките, граѓани и пензионерите заедно го разубавуваа просторот во Паркот на Франкофонија , во Капиштец, Паркот на новинари и Сквер Јадран.

Во акцијата годинава за првпат се приклучи и Општина Гази Баба.

„Заедно со јавното комунално претпријатие, приватни компании и волонтери ја спроведовме акцијата за чистење во Хиподром. Продолжуваме да се грижиме за комуналната хигиена, бидејќи истата е важна за здравата животна средина„ – информира градоначалникот Бобан Стефковски.

Во рамките на акцијата е собран одпадот од сите училишни дворови, јавни површини и местата каде што се собираат најмладите низ општина Бутел. Изминатите денови во склоп на оваа акција беа исчистени и училиштата од насобраниот кабаст отпад што се собирал со години.

Денеска се чистеше низ цела општина Кисела Вода. Оттаму информираат дека е вклучена целата општинска админстрација, сезонските рабоници, градинките и училиштата, волонтери, кои го собираат отпадот од сите месни и урбани заедници.

„Собирањето на комуналниот и кабастиот отпад и косењето на тревните површини преку организирани акции е една од активностите кои ние, како локална самоуправа, ги спроведуваме редовно, но и дополнително, доколку се утврди потреба на некоја локација. Како дел од нашиот акциски план, со уште една организирана еколошка акција, Општина Кисела Вода започна уште минатата седмица. Нашите сезонски работници во сите месни и урбани заедници косат, чистат, кабастиот отпад бесплатно го собираат од околу 220 семејства кои се пријавија на нашиот повик„ изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Еколошката акција се спроведе во сите училишта во општина Чаир, а на повеќе локации се чистеше и во општина Илинден.

Организатори на акцијата се компанијата ‘’Man and mountain” заедно со “ПАКОМАК” и граѓанската организација “Нула отпад”.

АКТУЕЛНО