Фото /РСЕ

Синоќа жесток руски воздушен напад врз Киев

Русија извршила „исклучително жестока“ серија напади со беспилотни летала во текот на ноќта врз Киев, кои во голема мера биле одбиени од украинската противвоздушна одбрана, соопштија украинските власти рано на 16-ти мај.

Москва се чини дека ги засилува своите воздушни напади на повеќе локации во источниот регион на Доњецк. каде со месеци се водат најтешките борби.

Зголемувањето на руската воздушна активност дојде во време на очекувањата за долгоочекуваната украинска контраофанзива кога украинскиот претседател Володимир Зеленски ја заврши европската турнеја што резултираше со повеќе ветувања за воена поддршка од сојузниците во Рим, Берлин, Париз и Лондон.

Серхи Попко, шефот на воената администрација на главниот град, рече дека нападот со беспилотни летала, осми врз Киев од почетокот на овој месец, бил „исклучителен по својата жестокост“, вклучувајќи максимален број беспилотни летала во краток временски период.

Попко рече дека нападот бил неуспешен, бидејќи повеќето од беспилотните летала биле „идентификувани и уништени“ од украинската противвоздушна одбрана.

Фото/РСЕ

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, на Телеграм напиша дека за време на нападот се ранети три лица.

Одделно, Русија во текот на ноќта лансираше најмалку 18 проектили, главно од воздух, врз различни цели во Украина, но сите беа соборени од украинската противвоздушна одбрана, објави Командата на воздухопловните сили на 16 мај.

Се наведува дека нападот бил тристран, доаѓал од север, југ и исток и започнал во 03:30 часот по локално време.

„Сите проектили се уништени од воздушната одбрана“, се вели во соопштението.

АКТУЕЛНО