Сите дозволи за концесиите за рудниците во струмичко ги дале функционери од ВМРО-ДПМНЕ

Доделувањата на концесија за експлоатација на минерални суровини од рудникот Иловица дала Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Првата концесија е дадена во јуни 2012 година, на која е потпишан Зоран Ставрески, додека втората, за поголемата локација е издадена во декември 2015 година и е потпишана од Никола Груевски. 

Токму и отворањето на рудникот Иловица беше помеѓу ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ за изборите во 2016 година, кога Груевски, кој беше носител на партиската листа во четвртата изборна единица пред граѓаните на Босилово кажа дека рудниците ќе отворат многу нови работни места за локалното население.

Повеќе од десет нови рудници ќе бидат отворени или ќе бидат вршени детални истражувања, по што ќе почне со ископ. Односно, или некои ќе се отворат, што се во понапредна фаза, или за некои ќе започнат истражувањата и ќе започнат работите, коишто можеби не во овој мандат, но во следниот ќе се отворат. Очекувањата се дека ќе донесат над 2200 директни вработувања, плус индиректни. Во југоисточниот дел на Македонија, освен рудникот Иловица и рудникот за бакар Казандол од Валандово, рудникот за злато, сребро и бакар Боров дол во Конче, ќе има и други, а само овие ќе отворат многу работни места,“ кажа поранешниот премиер Никола Груевски на партиски собир во Босилово пред изборите во 2016 година.

Пратеници од опозицијата кои денес се против рудниците дале позитивни мислења за Иловица

Барањето за експлоатација на рудникот, што се случува во 2011 година, кога на власт е ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш, Министерството за економија ги побарало потребните позитивни мислења за отворање на рудниците. Во име на Министерството за животна средина позитивно одговорил Филип Иванов, тогаш директор на Упрвата за животна средина. Бидејќи било неопходно и мислење од Министерството за култура, односно Управата за заштита на културно наследство, позитивно мислење потпишал и Паско Кузман. За барањето за експлоатација двапати позитивно се изјаснил и министерот за земјоделие Љупчо Димоски, еднаш за шумите еднаш за земјоделското земјиште. Позитивно мислење дал и Миле Јанакиески како министер за транспорт и врски, а позитивно се изјасниле и од Општина Босилово, каде градоначалник бил Љупчо Колев и претседател на совет Никола Милчев, исто од ВМРО-ДПМНЕ.

По добиените позитивни мислења од сите институции на седница на Владата, која ја преводел поранешниот вицепремиер Зоран Ставрески била донесена одлука за концесија за експлоатација, а по објавената одлука бил потпишан и договор со концесионерот за концесија за експлоатација на Иловица.

По носењето одлука за првата концесија, Владата тогаш објавила јавен повик и за втората концесија. За да го објави повикот за геолошки истражувања за втората, поголема концесија, Министерството за економија обезбедило позитивни мислења од Министерството за животна средина, Министерството за култура, Министерството за земјоделие, Министерството за транспорт и врски, водостопанство и од општините. На позитивните мислења од овие институции се потпишале тогашните нивни директори и министри – Паско Кузман како директор на Упрвата за заштита на културно наследство, Филип Иванов, директор на Упрвата за животна средина, заменик-министерот за транспорт и врски Горан Михајловски, министерот за земјоделие Љупчо Димовски и директорот на Упрвата за водостопанство Методија Томески.

На наддавањето за концесијата победила истата компанија „Фелпс доџ“, а Владата со потпис на Зоран Ставрески им одобрила да вршат геолошки истражувања и за втората концесија, односно на целиот регион.

Во втората фаза, односно за барањето за експлоатација за ова втора концесија, позитивни мислења потпишале тогашниот министер за земјоделие Михаил Цветков, министерот за животна средина Нурхан Изаири, радоначалниците на Босилово и Ново Село, Љупчо Колев и Блажо Велков, тогашниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски, директорот на Упрвата за заштита на културно наследство Виктор Адамс и в.д. директорот на Заводот и Музеј – Струмица, Зоран Рујак.

Концесијата за експлоатација е одобрена од Владата на само два дена пред нова година во 2015 година и е потпишана од страна на Никола Груевски. Договорот за експлоатација го потпишал тогашниот министер за економија Беким Незири.

Владата се обидува да го раскине договорот

Бидејќи истиот концесионер ги добил и двете концесии, а едната целосно ја обиколува другата, законот дозволува спојување на концесиите. Министерството за економија, тогаш, направило увид и утврдиле дека постојат услови за спојување на концесиите. Барањето за спојување било доставено во Владата во 2016 година, а според актуелниот министер за економија, Крешник Бектеши, тоа е истото што беше одобрено пред еден месец.

Тогаш спојувањето не се случило поради политичката криза која настана во земјава, по што следуваа и избори за време на кои не смее да се одлучува за концесии.

Со доаѓањето на власт на СДСМ процесот за изградба и отворање на рудниците запира, а владата се труди како да ги раскине потпишаните договори. Министерството за економија во 2019 го одбива инвеститорот за издавање дозвола за започнување на експлоатацијата на првата, помала концесија, а Владата потоа го раскинува договорот за концесија. Управниот суд, три години подоцна носи пресуда со која ја поништува одлуката за раскинување на договорот за концесија.

Според министерот Бектеши Управниот суд ја поништил владината одлука за раскинување на договорот за концесија бидејќи Владата немало донесено одлука за спојување на концесиите, иако Министерството за економија по барање на инвеститорот тоа на два пати го имал побарано.

Тој додаде дека најдобар начин за да се спречи отворањето на рудниците во струмичко е да се спојат концесиите, а институциите да покажат дека тие ја уништуваат животната средина.

Целата документација во прилог: Линк

С.Т

АКТУЕЛНО

Поврзани објави