Фото: Жана П. Божиновска/Слободен печат

Скопје се гуши во смог

Скопјани со недели се гушат во смог и чад. Скопје секојдневно е на листата на најзагадени градови во светот, а утрово е 14-ти во светот со индекс од 157 ПМ10 честички, покажуваат податоците на веб-страницата „Ај-Кју Ер“.

Што предвидуваат мерките и препораките донесени на седница на Владата уште во 2017 година?

Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство се должни да:

– препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.

– препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот.

– препорачаат да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.

– обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Владата на Република Македонија треба да :

– да ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50%) употребата на службените возила

– да обезбеди ограничување на работите на градежните објекти

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа се должни:

– да обезбедат прифатилишта за  сместување на  бездомници.

-да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Министерството за здравство има обврска:

– да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.

Државниот инспекторат за животна средина е должен:

– Да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

Министерството за животна средина и просторно планирање ќе подготви и достави:

– Препорака до Инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 %) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.

Единиците за локална самоуправа се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на Советите на општините.

До овој момент Град Скопје не соопшти дека поради мерките и препораките се воведува бесплатен јавен превоз, што вообичаено се случуваше претходно во периоди на голема аерозагаденост во Скопје.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави