Search
Search

Скопје уникатен пример за создавање на нови градови преку промоција на светската солидарност

Скопје стана уникатен пример каде што Обединетите Нации го препознаа тој момент по разурнувањата од земјотресот и ги поканија светските архитекти и урбанисти во тоа време да се приклучат и да овозможат градот да биде прво современ и модерен, меѓутоа исто така да стане и пример како може преку промоција на концептите на светска солидарност и светска соработка и преку вклучувањето на експертите и преносот на знаењето, особено во делот на архитектурата и урбанизмот, да се создадат нови урбани решенија што ќе обезбедат подобар живот за граѓаните и подобра иднина и за општествата, изјавидеканот на Архитектонскиот факултет при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“, Огнен Марина.

– Сметам дека искуството на Скопје, придобивките од Скопје, воопшто од целокупниот проект што беше воден од ОН, е исклучително позитивен пример што и денеска во контекст на разурнувањата што ги имаме, за жал дури и во Европа, односно со војната во Украина, и каде што наскоро се надевам ќе следи примирје и прекин на разурнувањето и еден процес на обнова на сите тие разурнати градови, дека и ние како архитекти и урбанисти, а исто така и како Универзитет, но и како граѓани на овој град, како дел од оваа заедница, ќе можеме да придонесеме, макар малку, за да помогнеме во обнова на тие градови и ќе можеме повторно да ги промовираме основните концепти и вредности, истакна професорот Марина на Меѓународната научна конференција „Проект Скопје“, организирана по повод 60 години од катастрофалниот скопски земјотрес и 110 години од раѓањето на јапонскиот архитект Кензо Танге.

На прашањето околу на улогата на врвните светски архитекти за обнова на градот по земјотресот, но и за сигурноста на градбите што се градат денес, Марина одговори дека по земјотресната обнова на Скопје направена е промена на парадигмата, како во архитектурата и урбанизмот, така и во сеизмичкото инженерство.

– Принципите, па дури и форматот и начинот на којшто е обновено, планирано и изградено Скопје всушност овозможуваат и ден денес градот да функционира. И покрај сите заложби во последните три децении да се девастираат сите тие системи, Скопје се уште е функционален град и има капацитет да ги прими и да им овозможи на неговите граѓани една структура којашто сепак е функционална, потенцира деканот на Архитектонскиот факултет.

Тој додаде дека ваквите конференции, како денешната, се битни за укажување на визиите и планирањето за изградби и потенцираше дека и политичарите и граѓаните некако го загубиле капацитетот за создавање визии за својот град и повика на определување на визија за тоа во каков град сакаме сите да живееме.

На дводневната конференција светски урбанисти и архитекти од реномирани универзитети ќе одржат серија предавања и во три сесии тие ќе разговараат за поуките од минатото, за денешната состојба со светската архитектура и за предизвиците и можностите коишто ќе ги имаат градовите во иднина.

АКТУЕЛНО