Source: Wikimedia Commons

Словачка, економско чудо кое немаше да биде возможно без влез во ЕУ

Членството во ЕУ и влегувањето во еврозоната во 2009, стимулираше инвестиции во различни сектори, вклучувајќи ја инфраструктурата, производството, туризмот и услугите

Вреди ли членството во ЕУ?

Што ќе добиеме, а што ќе изгубиме со влегувањето во Унијата? Ова се прашањата кои отсекогаш си ги поставувале граѓаните на Балканот. Во мегувреме ЕУ имаше неколку круга на проширување, но дилемите останаа исти. Особено сега кога ЕУ е во криза и пред внатрешни реформи.

Што значи членството во Европската Унија за малите земји можеме да видиме низ примерот на Словачка, држава со околу 5 милиони жители и површина малку помала од онаа на Хрватска. Порано земја на маргините на источниот блок, денес таа е една од најбрзо растечките економии во ЕУ.

Со референдумско изјаснување, 92% словаци гласаа за влез во ЕУ

Пред 20 години Словачка стана дел од европското семејство. Европската комисија и честиташе на Словачка откако повеќе од девет од десет гласачи го поддржаа влезот на земјата во Европската унија на дводневен национален референдум. Словаците го поддржаа членството на Словачка во ЕУ, кога 92,46 отсто од гласачите гласаа за влез во ЕУ. На гласање излегле 52,15 отсто од граѓаните запишани во избирачките списоци.

Иако посиромашна од повеќето земји кои веќе беа дел од Унијата, благодарение на образовната работна сила и ниските плати, таа релативно брзо стана атрактивна зона за странските инвеститори. Според Тајмс, Словачка е во предност пред се поради нејзината географска местположба, особено близината до Виена.

Словачка беше дел од најмасовното проширување на Европската унија. 2004 година беше кулминација на повеќе од десетгодишниот процес на интеграција, придружен со голем број економски и политички промени кои Словачка мораше да ги надмине на својот пат кон Европската унија

Словачка значително се разива откако пред две децении стана членка на ЕУ

Што значи тоа во бројки? Кога во 2004 година Словачка влезе во европското семејство имаше БДП по глава на жител 57 % од просекот во ЕУ. Сега, и покрај кризата, нејзиниот БДП пер капита изнесува 78 % од просекот во ЕУ.

Оваа држава која порано беше потоната во корупција, сега е успешен систем, со просечнa нето плата 1400 евра, а невработеноста со години е околу 7 проценти.

Зголемената интеграција нa Словачка, пристапот кон единствениот европски пазар, си го направија своето, и резултираше со зголемен економски раст и развој.

Членството во ЕУ и влегувањето во еврозоната во 2009, стимулираше инвестиции во различни сектори, вклучувајќи ја инфраструктурата, производството, туризмот и услугите.

Словачка стана дел и од Шенгенската зона на 21 декември 2007 година.

Словачка, европски лидер во автомобилската индустрија

Се отворија пазарите и вратите за крупни инвестици, а Словачка стана лидер во автомобилската индустрија и електротехниката.

Според бројот на произведени автомобили по глава на жител, оваа земја, членка на ЕУ, е еден од водечките производители на автомобили во светот, а ја нарекуваат и “Детроит на Централна Европа”. Словачка ги привлече најголемiте светски играчи за производство на автомобили, како што се германскиот „Volkswagen“, францускиот „PSA Peugeot Citroen“ и јужнокорејската „KIA“. 260.000 луѓе се вработени за овие производители на автомобили и за околу 350 добавувачи.

Покрај развојот на индустријата , трговијата и извозот, Словачка добива значителна финансиска поддршка од Европската унија преку различни програми и фондови, што придонесе за социо-економскиот развој на земјата.

Минималната плата за 2024 година 750 евра

Од 1 јануари вработените во Словачка имаат загарантирана месечна плата од околу 750 евра. Зголемувањето на минималната плата за 50 евра во однос на минатогодишните 700 евра претставува процентуален пораст од 7,14%.

Невработеноста во моментов е релативно ниска во Република Словачка. Развојот на невработеноста е поволен, освен во некои помалку развиени области. Најдобар економски регион е Западниот дел на Словачка. Стапката на невработеност во Словачка во 2024 е на ниво од 5,90%. Бројот на баратели на работа кои можат да започнат со работа веднаш достигна 371.706 лица на крајот на февруари годинава.

Словачка доби 69 милиони евра за северната обиколница на Прешов

Годинава, Словачка ја доби втората највисока сума што ЕУ ја има доделено на некоја држава за изведба на инфраструктура. Во силна конкуренција на уште стотина проекти, за Словачка беше одобрена транша од 69 милиони евра за изградба на втората етапа од обиколницата. Ќе се користат финансиски средства од ЕУ за Експресниот пат R4 кој е дел од мрежата TEN-T и е важна меѓународна рута.

Претходно повеќе пари ЕУ доделила само за проектот за германската железница. Тоа се ресурси во рамките на Поврзувањето на Европа (CEF), повик за проекти со воено-цивилна употреба.

Словачка стана индустриски и пазарано ориентирана економија, со што го доби прекарот „економски тигар“

Во целост, словачката економија се разви како резултат на членството во Европската унија, пристапот до нејзините пазари и финансиска поддршка од Унијата.

Од земја која зад железната завеса беше претежно беше аграрна, Словачка стана индустриски и пазарано ориентирана економија, со што го доби прекарот „економски тигар“.

Сето ова одеше рака под рака со крупни реформи во сите сектори, што од корен го сменија општеството. Со реформските процеси во областа на даночната полтика, социјалата, либерализаијата на пазарот на трудот, образованието, здравството, Словачка покажа дека може да се стигне далеку, но само со длабоки и суштински промени, наместо површни и половични решенија.

 

Извор: Слободен Печат

АКТУЕЛНО

Поврзани објави