Солидарност, правдина, слобода – Мурали во Скопје, Кичево и Прилеп

 Во центарот на кичевската чаршија, на Центарот за култура „Кочо Рацин“ на надворешната и предна фасада е реализиран мурал од уметницата Ивана Самандова во соработка со уметниците Александар Џинго и Методиј Исков.

Со последни два мурали создадени во Кичево и во Скопје, заврши акцијата на 19. издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во организација на здружението „Факултет на работи што не се учат“.

Идејата зад муралот е да поттикне размислување околу потребата за соработување меѓу луѓето, особено во полето на уметничките и креативни контексти/дејности.

Во соработка со ФРУ – Скопје, идејата за овој мурал е делумно инспирирана од релјефот на Јордан Грабулоски, македонски академски вајар и уметник, кој го има изработено на спомен-костурницата во Кичево. Од истиот тој релјеф, композициски се презема инспирацијата да се преобрази во еден поинаков контекст преку кој се нагласува хармонична соработка помеѓу луѓето (во сооднос со самата порака) но и ја доловува функцијата на домот на култура – како простор каде што се негува културата и уметноста иницирана од индивидуалци и групи. 

Кога заедно би создавале и негувале услови кадешто сите би се чувствувале поддржани едни меѓу други, низ заедничката соработка би се развила и здрава потреба за творештво во заедница каде што едни со други, меѓугенерациски, си помагаме и го потхрануваме нашиот заеднички и индивидуален развој.

Муралот, кој се реализираше во март во Скопје, на зградата која се наоѓа на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, побуди позитивни чувства и кај соседните згради така што резултираше со уште една иницијатива за реализација на мурал, како вид завршно заокружување на целиот проект и подарок кон станарите. Поткрепени со ентузијазмот на станарите во зградата и поддршка од ФРУ, уметницата Ивана Самандова во соработка со Ана Трајковска и Доротеј Нешовски реализираа мурал на зградата бр. 37. На овој мурал е поставен цитат од Бертхолт Брехт кој вели: „Наместо само да бидете слободни, создадете услови кои ги ослободуваат сите!“. Со овој мурал, фокусот е пренасочен на визуелни елементи со деца како симболика на реална слобода, особено во аспекти на однесување, изразување и размислување.

Преземајќи го извадокот од песната за солидарност од авторот Бертхолт Брехт, идејата е да се воспостави траен повик дека со поддршката, разбирањето и постапките на заедницата можат да се создадат иницијативи и услови кои што ја ослободуваат истата заедница од повеќето форми на опресија и рестрикција, водејќи кон поздрава и поволна состојба на живеење, критикувајќи го строгиот и наметнат индивидуализам.

Серијата мурали (во Скопје, Прилеп и Кичево) од коишто два се во соработка со две јавни културни институции и уште два со две заедници по нивно барање, се темелат на концептите за солидарност, правдина, соработка и слобода, со надеж дека долго време ќе останат визуелен потсетник за неопходноста на борбата за да дојдеме до истите – со силата на заедништвото.

 

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави