Search
Search

Советниците се инаетеа и противеа, па на вонредна седница ќе гласаат субвенциите за ЈСП

Откако мнозинството советници во градскиот Совет на двапати не гласаа ЈСП „Скопје“ да добие дополнителни субвенции од оние што веќе му се исплатени годинава, во вторник, на 14 ноември, на вонредна седница по третпат ќе расправаат за истото прашање – дали претпријатието да добие уште 110 милиони денари за непречено функционирање на градскиот превоз или не.

Се чини дека и годинава ќе се повтори истата ситуација како и минатата, кога Советот на Град Скопје, откако претходно не изгласа субвенции за ЈСП, на вонредна седница што се одржа на истекот на 2022 година, односно само два дена пред Новата 2023 година, гласаше претпријатието сепак да ги добие очекуваните пари.

Тоа што во еден месец трипати овој проблем се става пред советниците, говори дека состојбата на ЈСП воопшто не е толку добра како што раководството, па и Град Скопје, се обидува да ја претстави пред јавноста.

Со какви сѐ проблеми се соочува јавното сообраќајно претпријатие на минатата седница образложи директорот Крсте Петревски. Тој објасни дека трошоците на претпријатието се огромни, дека за плати на годишно ниво се издвојуваат 812 милиони денари, приближно колку што се сопствените приходи на ЈСП, додека расходите на претпријатието се проектирани на 2 милијарди денари годишно.

Според Петревски, еден од најголемите трошоци е нафтата, како основно средство за функционирање на јавното претпријатие и за неа годинава ќе се потрошат околу 480 милиони денари, но и 16 милиони за други горива, 28 милиони за резервни делови, околу 22 милиони денари за струја, за гуми 10 милиони, додека за приватните превозници годишниот трошок е 340 милиони денари. Тука е и отплатата на долговите, бесплатниот превоз на студентите и средношколците, сервисирањето, одржувањето и уште многу други трошоци.

Претпријатието без помош со субвенции од Град Скопје се изложува на тешка состојба, ќе има проблем за нормално функционирање, бидејќи сопствените приходи на претпријатието се околу 930 милиони денари. Знаете дека многу категории граѓани ЈСП ги вози бесплатно, за поголемиот дел сѐ уште немаме добиено од Владата 360 милиони денари, ветено е дека се влезени во ребалансот, но уште нема одлука за исплата на средствата – рече директорот на ЈСП.

Петревски на последната седница истакна дека доколку ЈСП не ги добие субвенциите, можен е застој во нормалното функционирање на јавниот градски превоз, но дека во прашање се доведува и редовната исплата на платите.

Но, откако во медиумите проциркулира информацијата дека ЈСП одново не ги подмирува обврските на приватните превозници и дека тие четири месеци не добиле пари за услугата што ја вршат кон граѓаните, но и дека при крај им се резервите на гориво, од ЈСП реагираа дека станува збор за лажни информации и одново се обидоа „розово“ да ја прикажат ситуацијата.

Вистината е дека јавниот градски сообраќај функционира непречено, редовно и без застој. Нема најави за штрајк, ниту пак недостиг на гориво. Обврските кон приватните превозници се сервисираат тековно и без застој – информираа од јавното сообраќајно претпријатие.

На вонредната седница што ќе се одржи во вторник Одлуката за измена на одлуката за давање субвенции на ЈСП за 2023 година, со која износот од 440 милиони денари се зголемува на 550 милиони, е единствена точка на дневен ред. Очекувано е дека по двапати одбивање, конечно советниците ќе ги одобрат субвенциите.

Како што е познато, ЈСП „Скопје“ не е профитабилно претпријатие и со години опстојува со помош на субвенции од Градот, така што залудно се губи време и енергија, кога на крајот, на редовна или на вонредна седница, субвенциите секако ќе стигнат до ЈСП.

АКТУЕЛНО