Србија и Косово се на добар пат за нормализација, што и да значи тоа

Често се чини дека Вучиќ и Курти си се потребни и си помагаат еден на друг. Не можат еден без друг. Време беше тоа да престане.
ЏАБИР ДЕРАЛА

Општа, па и донекаде чудна е и самата формулација „нормализација на односите меѓу Србија и Косово“. Тоа може да значи многу нешта и ништо во исто време. Но што и да значи нормализација, тоа сигурно е подобро отколку тоа што се случува во односите меѓу двете балкански држави, кои не се признаваат меѓусебно и постојано живеат во затегнати односи и кризи.

Исто како процесите за нормализација меѓу Израел и арапските држави што започнаа во 2020 под покровителство на ОН. Ваквите спогодби секогаш откриваат голем потенцијал за мир и просперитет за секоја од страните во тие процеси и пошироко.

Истовремено, тие спогодби секогаш се на стаклени нозе, бидејќи секогаш има актери на сцената на кои им одговара одржување на тензиите. Тие секогаш се во потрага по причини да прогласат неуспех, предавства, загрозување на „светото наследство и идентитет“ (сигурно звучи познато).

По прифаќањето на Предлог-планот за нормализација во Брисел, постојат повеќе причини да се верува дека Србија и Косово се на добар пат да го преминат амбисот што зјае меѓу нив со децении. Или, ако сакаме да бидеме попретпазливи со прогнозите, постојат барем малку повеќе причини за оптимизам, отколку за песимизам.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, повеќе пати изјави дека тој нема никогаш да потпише документ за признавање на Косово, но дека ќе работи на нормализација на односите меѓу двете земји.

Непосредно пред средбата со Курти во Охрид (18 март), Вучиќ ќе изјави дека „нормализација е да имаме подобри односи со Албанците, да се почитуваме едни со други, традициите и верата, како некој што може да ја развива работата, да работиме заедно и да гледаме во заедничката иднина.“

Навистина, тоа го кажа по една долга и тешка воздишка, а пред тоа три минути говореше за „19-та годишнина од погромот врз српското население во Косово и Метохија“. Но го кажа. И го отвори патот кон „нормализација“. Просто човек да не поверува дека тоа е истиот човек кој во декември минатата година го нарече Курти „терористички олош“.

Овој вокабулар е целосно неприфатлив за јавната комуникација воопшто, а да не говориме за однесувањето на државни лидери. Но тоа е Балканот, екстремизмот е реалност, минато и сегашност, а никој сѐ уште нема смелост да предвиди дека тоа нема да биде и иднина. Сепак, добро е кога тоа се завршува само на зборови, особено кога истиот протагонист дава и изненадувачки позитивни изјави, како онаа за „заедничката иднина на Србите и Албанците“, цитирана погоре.

Во изминатите неколку години не изостана ниту острата и популистичка реторика ниту кај косовскиот премиер Албин Курти, кој Вучиќ не еднаш го нарече ученик на Шешељ.

Често се чини дека Вучиќ и Курти си се потребни и си помагаат еден на друг. Не можат еден без друг. Време беше тоа да престане.

И Курти и Вучиќ, како и многупати порано, покажуваат дека се спремни на разговор и решенија. Нека е тоа придружено со тешки воздишки и жестоки вербални излети и популизам. Процесот тргна. Ниту една „нормализација“ не е совршена, ниту еден компромис не ги прави целосно среќни двете страни кои, што се вели, до вчера војувале.

И двете страни, кои меѓусебно не се признаваат како држави, имаат пред себе долг пат. Лидерите на овие две држави се соочени со избор – да продолжат со тензии, инциденти и изолација, или да го отворат патот за развој, стабилност и мир.

Се разбира дека има слабости и нови опасности во документите што се на маса, ги потпишале тие или не. Се разбира дека може и само еден збор во тие документи да биде оружје во рацете на популистите и националистите да прогласуваат предавство и да повикуваат на војна за „одбрана на државата, идентитетот, светото наследство…“

Но вистинската храброст на лидерите е да гледаат во иднината и носат одлуки што можеби не се популарни во дадениот момент и може да им наштети на рејтингот. Не е храброст да потклекнат пред искушението да ги задоволат страстите на разјарената толпа која сака крв.


Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0. | Извор: CivilMedia

АКТУЕЛНО

Поврзани објави