Search
Search

Србија воведе систем за итно јавно известување за исчезнати деца

Во Србија  официјално почна да работи системот кој итно ја алармира јавноста и ја започнува потрагата по исчезнатите деца.

Системот наречен Амбер Алерт или Фајнд ми се користи за итно известување на јавноста во случаи на исчезнати деца, а според директорот на Центарот за исчезнати и малтретирани деца Игор Јуриќ, ова е прв ваков систем во регионот, пренесува агенцијата Бета.

Како што претходно беше најавено, полицијата ќе одлучува за активирање на системот врз основа на нивната проценка, кога ќе добие пријава, освен во случај кога ќе се активира автоматски – доколку исчезнато дете е во животна опасност, ако се работи за деца со посебни потреби до 18 години или помлади од седум години.

По прибирањето на основните податоци, дежурната полициска служба ги известува сите полициски службеници за започнување на потрага по исчезнатото дете и на електронската платформа ќе објави известување за неговото исчезнување.

Ова ќе ги вклучи медиумите кои ќе ја прекинат редовната програма со објавување на слика од исчезнатото дете и релевантни информации, на пример за местото каде што последен пат е видено.

Овие пораки ќе ги испраќаат и мобилните оператори, а пораките ќе ги пренесуваат и компаниите како Путев Србија, аеродромот Никола Тесла, како и автобуските и железничките станици.

Во втората фаза, кругот на ширење на информации би ги вклучил трговските центри и социјалните мрежи. Пријавите од граѓаните треба да се добиваат на полицискиот број 192, а откако ќе се најде детето сите пријави се бришат. Системот го добил името по деветгодишното девојче од Тексас, Амбер Хагерман, кое било киднапирано и убиено.

 

АКТУЕЛНО