Студентски Отпор: Никогаш не би седнале на иста маса со ВМРО-ДПМНЕ

Од Студентски отпор соопштија дека членови на партискиот подмладок на ВМРО-ДПМНЕ, Унија на млади сили се среќавале со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ по што повеќе медиуми објавија дека опозициски пратеници се сретнале со Студентски отпор.

-Јавноста ја информираме дека ова е само еден патетичен обид да се дискредитира и партиски да се обои движењето Студентски отпор!, објавија на својот ФБ профил од Отпорот.

На објавата Студентски отпор со црвен ИКС ја пречкртале фотографијата за да покажат дека тоа не е нивна активност туку активност на политичката партија.

-Луѓето што присуствуваа на таа средба не се наши членови, туку се членови на партискиот подмладок на ВМРО – ДПМНЕ, односно УМС. Студентски отпор во ниту еден случај не би седнал на иста маса со претставници од партијата која најмногу придонесе за уништување на студентскиот стандард во Македонија со енормна корупција и непотизам по универзитетите во Македонија, соопштија од Отпорот.

Тие ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ дека е “една од најкриминогените партии во Македонија, а и пошироко” и дека нема да дозволат борбата за подобар студентски стандард партиски да се обои од страна на таква партија.

Студентски отпор ги повика независните медиуми да се информираат за нивните активности преку официјалниот ФБ профил и мејлот на Студентски отпор.

Организацијата Студентски отпор е актибма во застапувањето на студентските потреби незадоволна од начинот како тоа го прави Студентското Собрание на УКИМ. Последно барање им е да се зголеми студентскиот оброк од 120 на 160 денари за ден и на тој начин да се подобри студентскиот стандард нагризен со инфлацијата и минимален во однос на огромното покачување на функционерските плати од 55 до 78% со одлука на Уставниот суд.

Претходно Студентски отпор известуваше и за одземањето на греалките во студентските домови, скромната храна во студентските мензи и факултетски одлуки за присуство на незадолжителни предавања и активности.

АКТУЕЛНО