Search
Search

Субвенции за инвертери ги раздвижија граѓаните, за два дена примени повеќе од 500 апликации

Архивата на Министерството за економија од вчера е преполна од граѓани кои аплицираат за ваучер за инвертер клима-уред. Од почетокот на работното време вжештени се и телефоните на кои граѓаните можат да добијат информации за начинот на аплицирање откога вчера министерот за економија Крешник Бектеши ги повика граѓаните со помош од државата во висина од 23 – 27 илјади денари да ги намалат сметките за струја и да го сменат начинот на греење.

Предвидените 7.000 ваучери за субвенции за инвертер-клими ќе се потрошат и пред крајниот рок – 15 февруари, со оглед на интересот на граѓаните, прогнозираат од Министерството за економија. Има две програми – едната е за енергетска ефикасност, а другата е за ранливите категории, а нивниот буџет е 4,1 милиони евра.

Во првите 24 часа од објавата, пристигнале повеќе од 500 апликации, а бројката е поголема ако се земе предвид дека голем дел од апликациите пристигнале и преку пошта, велат од министерството. Има две програми – едната е за енергетска ефикасност, а другата е за ранливите категории, а нивниот буџет е 4,1 милиони евра.

– Првата програма ги опфаќа ваучерите до 25.000 денари за жителите на Пелагонискиот и Југозападниот регион, а другите ваучери во износ од 23.000 денари се наменети за другите региони. Ваучерите од 27 и 30.000 денари се наменети за граѓаните од ранливите категории во зависност од членовите на семејството. Постапката е олеснета, а документите треба да се поднесат во Министерството за економија. Крајниот рок е 12, односно 15 февруари. За да го остварат правото на учество по овој јавен оглас, домаќинствата во изминатите три календарски години треба да не користеле средства од кој било извор за надомест на трошоци за грејни уреди – печки на пелети или високоефикасни инвертер клима-уреди и да немаат приклучок на градско централно греење во станбениот објект каде што ќе биде инсталиран уредот.

Лани граѓаните преку Министерството за економија добија финансиска поддршка за фотонапонски панели, сончеви термални колекторски системи, како и за замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци, од 1,15 милиони евра.

Првата ваучерска понуда почна во 2019 година и со неа беа опфатени 10 илјади семејства од Скопје, Кичево, Битола и Тетово кои добија по 1.000 евра за набавка инвертер клими. Предност имаа семејствата со месечни примања до 500 евра. Граѓаните кои земаа субвенции, требаше да ги фрлат во отпад старите грејни тела.

Ваква мерка во изминатите години имаше во Данска, Велика Британија и Германија, а беше активен и во Полска, Бугарија и Словачка. Субвенции за набавка на инвертери доделуваше и Град Скопје, како и некои други скопски и општини од државата.

Лани во февруари и Организацијата на потрошувачите почна со кампања за колективно купување на инвертер-клими. Пријавувањето за оваа можност заврши лани на 31 јули, а 1.020 потрошувачи добија можност да изберат од петте понуди на висококвалитетни инвертер клима уреди, што ќе им ја подобри енергетската ефикасност и удобноста на нивните домови.

Колективните купувања различни производи и услуги стануваат редовна активност на многу организации на потрошувачи во ЕУ, бидејќи носат многу предности и придобивки за здружените потрошувачи, а се поддржани и од Европската комисија. Инаку, дури 62 отсто од вкупниот број македонски домаќинства користат дрва како примарен извор на енергија, 29 отсто се греат на електрична енергија, а само осум отсто се приклучени на централно парно греење, покажуваат официјалните податоци.

Граѓаните од повеќе градови во земјава имаат можност да аплицираат до општините за субвенции за низа различни потреби.

Најчесто се надоместуваат до 50 отсто од средствата за купување велосипеди, за набавка на клими-инвертери, поставување на сончеви колектори, но и за уредување на дворни места, горилници за печење ракија, приклучок за гас, како и плаќање кирија за социјално ранливи категории граѓани.

Меѓутоа, проблем е слабата информираност за начинот на доделување на субвенциите, бидејќи на повеќе од половината од граѓаните (52,5 отсто) не им е позната постапката за делењето на субвенциите. Ова го покажа мониторингот на субвенциите што општините им ги доделуваат на граѓаните, во периодот од 2020 заклучно до мај 2023 година, што го спроведе НВО Инфоцентар, преку партнерските организации во шест општини: Куманово, Велес, Струмица, Крива Паланка, Свети Николе и Лозово.

– Повеќе од половината анкетирани граѓани (над 60 отсто) не знаат воопшто какви субвенции доделуваат општините, речиси половина (47 отсто) не знаат дали досегашните субвенции одговараат на приоритетите на граѓаните, а само 12 отсто сметаат дека субвенциите се соодветни на потребите на граѓаните – стои во мониторингот.

 

АКТУЕЛНО