Светските лидери го осудија „обидот за атентат“ врз поранешниот американски претседател Трамп

Светските лидери го осудија пукањето врз републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, инцидент што ја разбранува предизборната кампања во САД и ги зголеми стравувањата од дополнително политичко насилство.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш „недвосмислено“ го осуди она што ФБИ го опиша како обид за атентат.

„Генералниот секретар недвосмислено го осудува овој чин на политичко насилство. Тој ги испраќа своите најдобри желби до претседателот Трамп за брзо закрепнување“, рече портпаролот на Гутереш, Стефан Дужарик.

Трамп зборуваше на предизборен митинг на 13 јули во западна Пенсилванија кога беа испукани неколку истрели. Подоцна изјави дека бил погоден со куршум во увото и полесно ранет.

Две лица беа убиени, вклучувајќи го и осомничениот стрелец, а двајца други беа ранети. ФБИ соопшти дека го истражува пукањето како обид за атентат. Полицијата соопштија дека на местото на настанот била пронајдена полуавтоматска пушка.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека е „длабоко шокирана“ од пукањето.

„Политичкото насилство нема место во демократијата“, напиша таа на социјалната платформа „X“ порано позната како Твитер.

„Му посакувам на Доналд Трамп брзо закрепнување и му изразувам сочувство на семејството на невината жртва“, напиша фон дер Лајен.

Канадскиот премиер Џастин Трудо рече дека се ужаснал од веста за пукањето.

„Не може да се протцени, политичкото насилство никогаш не е прифатливо. Моите мисли се со поранешниот претседател Трамп, со сите луѓе кои присуствувале на настанот и со сите Американци“, напиша тој во објавата за социјалната платформа „X“.

Највисокиот дипломат на Европската унија, Жозеп Борел рече дека е шокиран и остро го осудува нападот.

„Уште еднаш сме сведоци на неприфатливи акти на насилство врз политички претставници“, напиша тој на X.

Италијанскиот премиер Џорџија Мелони изрази „солидарност“ со Трамп, додека францускиот претседател Емануел Макрон му посака „брзо закрепнување“, а пукањето го нарече „трагедија за нашите демократии“.

„Франција го споделува шокот и огорченоста на американскиот народ“, напиша Макрон во објавата за X.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој го посети Трамп во неговиот дом на Флорида претходно оваа недела, рече дека неговите мисли и молитви се со поранешниот претседател на САД.

И претседателот на Украина, кој во минатото имаше напорни односи со Трамп, рече дека е згрозен кога слушнал за пукањето.

„Таквото насилство нема никакво оправдување и нема место никаде во светот. Насилството никогаш не треба да преовладува“, напиша Володимир Зеленски во објавата до Х.

„Се молиме за неговата безбедност и брзо закрепнување“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во објава за X.

Престрелката дојде два дена пред отворањето на републиканската национална конвенција, на која се очекува бизнисменот и поранешна реалити ТВ ѕвезда да ја обезбеди партиската номинација и помалку од четири месеци пред изборите на 5 ноември.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави