„Танец“-75 години македонска традиција

Основан во 1949 година во Скопје, како единствена установа од таков вид, ансамблот Танец веќе 75 години е еден од најстамените столбови на македонската традиција и култура, и недвосмислено, еден од главните темели на македонската државност. Формиран со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните носии и инструменти, и преку соодветен уметнички израз, сценски да ги презентира највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ, тој денес претставува едно од најблескавите лица на македонската културна историја.

Танец е беспоговорно најрепрезентативниот амбасадор на македонската народна уметност и култура во светот. Како подвижен музеј на македонското културно богатство, ансамблот 75 години ја шири убавината на македонските ора и песни, на најголемите сцени во Азија, Америка, Австралија, Африка и насекаде низ Европа, но никогаш не го заборава и сопствениот народ, кому му ја должи својата суштина. Со Танец и богатиот македонски фолклор, Македонија отсекогаш била и секогаш ќе биде светла точка на светската културна мапа. Благодарение на сите генерации што ја градеа и реализираа јасно поставената програмската визија на основачите, ансамблот низ годините растеше, се развиваше и прерасна во модерна институција за почит.

Секогаш цврсто поддржувајќи ги своите основни вредности, од своите скромните почетоци до денес, ансамблот постојано еволуираше и се издигна на нивото на симбол на уметничка извонредност, прикажувајќи го уникатниот живописен мозаик на нашата културна раскош пред светот. Додека ја одбележуваме оваа значајна отсечка во времето, ние пред нас ја имаме на ум целокупната седумиполдецениска посветеност и страст на сите генерации извонредни играорци, песнопојци, свирачи кои оставиле драгоцен дел од својот живот во Танец.

Сите ние во денешниот Танец сме горди и возбудени што овие денови зачекоривме во новата јубилејна концертна сезона, која е посебна за нас. Танец е 75 години светилник на македонското културно наследство, а ние ја имаме одговорноста тој да засветли уште посилно, во име на сите минати генерации, кои ги удирале темелите и ги крепеле бедемите на оваа институција, но уште повеќе за сите идни генерации кои ќе треба да ја чуваат како свој најголем аманет во годините што претстојат.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави