ФОТО: Бибе Јордановска

Таневска: Во трката за информации со дефицит на новинари за нивна проверка се создаваат дезинформациите

„Една од најчитаните рубрики при отворањето на Градска.мк, кој зрачи во етерот веќе еден месец, е импресумот. Ми се допадна тоа што луѓето ако веќе прочитале нешто или сакаат да почнат да го читаат, гледаат кој стои зад него. Мило ми е што е една придобивка воопшто за медиумите, односно релевантноста што ја мерат на медиумот, според авторите и тоа така треба и да биде“, изјави Соња Таневска, главна уредничка на Градска.мк.

Како говорничка на панелот на ЦИВИЛ по повод Светскиот ден на слободата на медиумите „Дезинформациите и пропагандата ги кршат човековите права“, Таневска истакна дека еден долг период во медиумскиот простор, они кои се насочени кон профитот, кликовите, се свртени кон сензационализам и лошо влијаат и на сериозните медиуми.

Според Таневска во трката за информации кога има дефицит од медиумски работници се крати на време за нивна проверка и тогаш се создаваат дезинформациите.

„Во економијата и во здравството не може да се брка сензационализам. Потребно е време и не може да се даде рок дека тоа мора веднаш да се заврши. На крајот ќе излезе полу-точна информација или неточна. Мислам дека економијата и здравството се теми за кои е потребна сериозна стручност, меѓутоа има и многу променливост, која не нужно значи и нестабилност. Тоа зависи, на пример во економијата, од состојбата на пазарот, енергенсите и сл., а во здравството од нови откритија, истражувања… Во здравството може да се случи еден лек да биде успешен за 100 луѓе, за двајца не. Тоа не значи дека е не е успешна, на пример, вакцина“, истакна Таневска.

Зборувајќи во контекст на дезинформациите во медиумите, Таневска потенцираше дека некогаш дезинформациите доаѓаат и од официјалните лица, економисти, лекари.

„На пример, имаше економисти што тврдеа цела зима дека ќе имаме црно сценарио, дека ќе немаме струја, а имаше економисти што велеа дека треба да се смириме, треба да штедиме, затоа што ресурсите не се бесконечни. Црно сценарио не се случи ниту кај нас ниту во која било земја во светот, но стравот постоеше. Луѓето живееја во страв. Упорно пишуваш, а си дефиниран како ти да шириш лажни вести, а не обратно“, објасни Таневска.

 

АКТУЕЛНО