Search
Search

Улиците се небезбедни за движење, велосипедските патеки и тротоарите узурпирани од возила

Карпошани се жалат за небезбедни улици низ населбите особено во делот на Тафталиџе, каде, како што тврдат, нефункционални се и тротоарите и велосипедските патеки каде што ги има, поради паркирани возила. Особено реагираат на безбедноста на улиците Варшавска и Лондонска, каде што има и училишта, па бараат од Општината да се постават легнати „полицајци“ пред пешачките премини за да се забави брзото возење, но и столпчиња на тротоарите за да се спречи паркирањето автомобили затоа што од нив нема прегледност безбедно да се помине улица.

Неодамна, токму на улица Варшавска, кај училиштето „Јан Амос Коменски“, автомобил удри ученик, кој за среќа помина без тешки последици.

Граѓаните ги повикуваат општинарите во работно време да прошетаат по овие две улици за да видат на што личат улиците, тротоарите и велосипедските патеки.

На Варшавска едниот тротоар е комплетно нефункционален, а пешачките премини се блокирани од паркирани возила. На Лондонска велосипедските се комплетно нефункционални, пешачкиот пред „Скара бар“ има постојано паркирано возила, а често возилата се качени и на тротоар – коментира еден од жителите.

Карпошани проблемот го лоцираат и во новите згради изградени пред сѐ на улицата Прашка, но и во многу други делови низ Карпош.

Тие згради носат безброј нови возила на кои не им обезбедувате паркинзи според стандард туку верувате на проекти што никогаш не стануваат стварност. Затоа Карпош личи на хаос, паркирани коли на тротоар, на улица, на зелени површини. И на пешачки не е безбедно да се помине зашто огромни комбиња паркирани на тротоар ја блокираат видливоста – реагира Лидија на фејсбук-објава на Општина Карпош.

Од Карпош во својата објава поттикната од реакциите на граѓаните тврдат дека на улицата Варшавска, во непосредна близина на градинката и на двете основни училишта, има повеќе пешачки премини, пред влезот на училиштето „Јан Амос Коменски“ има т.н. „легнати полицајци“, брзината на движење на автомобилите е ограничена на 30 километри на час, а дека се поставени столпчиња по цела должина на тротоарот на улицата од страната на училиштата.

Од основното училиште „Јан Амос Коменски“ до Лондонска сите краци се обележани со пешачки премини вклучувајќи ја и Букурешка, каде што пешачкиот е избледен. Пешачки премини има пред градинката, пред двете училишта „Јан Амос Коменски“ и „Јахја Кемал“ и на аголот меѓу Лондонска и Варшавска кај „Скара бар“. Пред влезот на училиштето „Јан Амос Коменски“ има поставено и забавувачи на брзината на возилата т.н. „легнати полицајци“. По цела должина на Варшавска од страна на овие две основни училишта имаме поставено висок тротоар и пешачката патека која секогаш е слободна за пешачење по цела должина – велат од Општината.

Оттаму додаваат дека доколку некој вози несовесно и побрзо од дозволеното, тоа треба да го санкционира сообраќајната полиција.

Како друга проблематична локација граѓаните ја посочуваат улицата Никола Тесла, која ги дели населбите Карпош 1 и Карпош 2. На нејзиното вкрстување со улицата Бранислав Нушиќ, но и подолу во близина на Технолошки факултет, на крстосницата со улицата Руѓер Бошковиќ, поради непочитување на правилото за предност постојано се случуваат сообраќајни незгоди.

Од Партизанска со голема брзина влетуваат возила на Никола Тесла и постојано има сообраќајќи на двете крстосници. Реагиравме и во Општина и во полиција и досега ништо не е преземено. А тука по Никола Тесла се движат ученици, затоа што во близина има две основни училишта, средношколци од „Орце Николов, но исто така и студенти – вели Ана од Карпош 1.

Проблемот со непрописно паркирање, со брзото возење по локалните улици, со узурпирање на тротоарите и на велосипедските патеки е проблем со кој се соочуваат речиси сите скопски општини. Недостасуваат паркинг-места, станови во новите згради се продаваат без задолжителна обврска да се купи и паркинг место во зградата. Владее вистински хаос со паркирањето, за што сведочат и бројките на неделно ниво од јавните претпријатија за стотици возила подигнати од „пајаците. Брзото возење, пак, е проблем со кој посериозно треба да се позанимава полицијата.

Сето ова ги прави улиците небезбедни за движење, па колку и да го тврдат општините спротивното.

Извор Слободен печат

АКТУЕЛНО