Успешен почеток на првата македонска берза за струја: Истргувани 500 мегавати, постигната просечна цена од 7.124 денари за мегават-час

Точно во 10:35 часот во средата успешно било затворено тргувањето на првата Македонска берза за струја за дваесетте од вкупно 22-те компании, кои склучиле договори. Симон Шутиновски, директор на Националниот оператор МЕМО, под чија закрила работи Берзата, соопшти дека биле истргувани 500 мегават-часови електрична енергија или во просек по 20 мегавати за час, а постигната е просечна цена од 7.124 денари за еден мегават-час. Тоа практично значи дека по првиот ден од почетокот на својата работа формирана е референтна цена од просечни 115 евра, или само за 3 евра помалку од денешната цена на интернационалната референтна берза ХУПЕКС.

Проектот за Берзата е работен повеќе од пет години, а официјално заживеа по измените на Законот за енергетика во 2018 година, со што формално беше либерализиран и пазарот на електрична енергија, а законодавството во оваа сфера беше прилагодено на европското. Засега се оди со пазарот „ден-однапред“, со што се обезбедува конкуренција за постигнување оптимални цени на електричната енергија, подобрување на користењето на енергетската мрежа и обезбедување на дополнителни можности за инвестиции во областа на обновливи извори на енергија Досега референтната цена на струјата се пресметуваше според унгарската берза, ХУПЕКС, која е земена како една од најголемите берзи во регионот каде што има најголемо тргување на електрична енергија.

– Се тргуваше главно се домашно произведена струја, иако меѓу нашите учесници има компании што успешно тргуваат на меѓународните пазари и знаат од каде да набават енергија. Цената се засноваше на понудата и побарувачката, а не според цените на берзите во регионот – објави Шутиновски. Според него, ова е голем ден за македонската економија, бидејќи добивме место каде што сите компании ќе можат на фер и транспарентен начин да се снабдуваат. Трговската платформа е поставена со помош на словенечката берза и берзата во Париз, која е една од најголемите берзи во Европа. Тој истакна дека надоместокот што го плаќаат компаниите е меѓу најниските во регионот, но не ја кажа сумата.

Поздравувајќи го почетокот на Македонската берза на струја, премиерот Димитар Ковачевски во своето писмо од Америка напиша дека таа ќе донесе стабилно снабдување по конкурентни цени. Според Ковачевски, зимата што е зад нас покажала колку е значајно домашното производство на електрична енергија, а со стартот на Берзата, домашните компании што се на слободниот пазар повеќе нема да бараат струја во странство.

И за вицепремиерот Фатмир Битиќи ова е историски миг за енергетиката и економијата, кој се преуредува во висококонкурентен и динамичен пазар.

– Со денешниот ден се заокружува еден голем циклус на либерализацијата на пазарот на струја, кој не само што ќе нè поврзе со соседните земји, туку и ќе донесе нови инвестиции – истакна Битиќи. Честитки за стартот упати и претседателот на РКЕ Марко Бислимовски, според кој сè се може ако се сака, а тоа го докажале и од МЕМО. Честитки за започнувањето на Берзата, упати и Ерик Мајер, в.д. амбасадор на САД, и ги повика сите компании масовно да се вклучат во тргувањето. Претходно и од Македонската енергетска асоцијација (МЕА) ја поддржа иницијативата да се направи македонска берза на електрична енергија, но за да биде ликвидна, побараа да се донесе одлука со која сите државни купувачи ќе треба да набавуваат струја од неа, а не од тендери и од билатерални договори.

Извор: Слободен печат

АКТУЕЛНО