Велешанецот е можно да се заразил на рибарење, но не е свесен дека бил каснат од крлеж: Уште девет лица под надзор по новиот случај со Конго-кримска хеморагична треска

Четириесет и двегодишен велешанец е третиот пациент заразен со конго-кримска треска (ККТ), кој наверојатно се заразил при рибарење во велешката околина, рече денеска директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р Милена Стеваноовиќ.

Случајот на велешанецот не е поврзан со двете пациентки, првата, 27-годишната жена од Штипско, која почина на 30 јули, и втората, болничарка вработената на Инфективна клиника, која се зарази од неа. Болничарката, како што кажа Стевановиќ, е стабилна, опоравувањето е во тек, лекарите не очекуваат компликации и се надеваат дека така ќе заврши нејзината болест. Таа беше лекувана со антивирусниот лек „рибавирин“.

– Во саботата вечер е донесен суспектен пациент, со Конго-кримска хеморагична треска од велешката болница. Во текот на вечерта неговата дијагноза е потврдена. Пациентот е хоспитализиран на Инфективната клиника и неговата општа состојба е добра, кажа директорката.

Тој како што соопшти Стевановиќ, се жалел пет дена наназад на покачена температура, главоболка, мускулно-зглобни болки поради што побарал лекарска помош.

– Тромбоцитите му беа намалени во текот на вчерашниот ден, со соодветната супституција, денешните анализи се уредни. Тоа не значи дека нема да има тек и развој на болеста. Пациентот е стабилен и се следи „под лупа“ за се она што би требало да се додаде во неговиот третман. Можниот начин на зараза е неговото рибарење покрај дел на Вардар, каде што има многу влага и трева. Тоа е една од опциите каде што би можел да биде заразен, вели директорката.

Епидемиолозита, Ветеринарната служба како и Агенцијата за храна и ветеринарство се вклучени во дијагностичко-епидемиолошко следење на конго-кримска хеморагична треска и се на терен во смисла на заловување инсекти и нивно испитувања понатаму.

Конго-кримската хеморагична треска се пренесува од крлеж, може да биде пренесена и од консумирање несоодветно, нетретирано млеко, месо од заразени животни. Најчесто се пренесува кај здравствените работници, сточарите, риболовците, ловџиите, оние кои ги преработуваат месните продукти на евентуално заболени животни, вели Стевановиќ.

– Пациентот не дава податок дека забележал каснување на крлеж. Има една рана што може да биде каснување на крлеж, но тој самиот не е свесен дека бил каснат, додаде директорката на Инфективна.

Како што информираше директорката, епидемиолозите веќе имаат направено анкетни листи, лоцирани се контактите со пациентот, покрај неговото четиричлено семејство, уште петмина од велешката болница кои работеле со пациентот, се под медицински надзор.

Со оглед дека луѓето се во природа, директорката апелираше да се внимава, особено рибарите, ловџиите, а здравствените работници да не го забораваат основниот редовен протокол при заштита со работа.

 

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави