Search
Search

Владата ќе даде над 32 милиони евра за 66 проекти на општините

Над 32 милиони евра, (две милијарди денари), буџетски средства ќе бидат пренеменети за реализација на 66 проекти во најголем дел од општините. Оваа одлука е донесена на денешната владина седница.

Буџетските средства, како што информираат од владината прес-служба, ќе бидат насочени за реализација на проекти во Град Скопје и во општините Центар, Ѓорче Петров, Сарај, Аеродром, Охрид, Македонски Брод, Битола, Крива Паланка, Штип, Липково, Кичево, Валандово, Струмица, Росоман, Дојран, Берово, Делчево, Желино, Гостивар и други.

Предвидено е овие средства, се додава во соопштението, да бидат наменети за реализација на проекти со коишто ќе им се излезе во пресрет на граѓаните како изградба и доградба на образовни и здравствени институции, спортски објекти, инфраструктурата, како и проекти од областа на заштитата на животната средина.

Во соопштението од владината прес-служба се наведува дека, во делот на патната инфраструктура, од Министерството за транспорт и врски вкупно 360 милиони денари ќе се доделат на Град Скопје за изградба на булевар „Хасан Приштина“ во населбата Визбегово.

„Министерството за транспорт и врски ќе пренамени 110 милиони денари за реконструкција на улица ‘8 Септември’ во Горно Оризари, Битола. Средства ќе бидат наменети и за довршување на мостот ‘Љубљанска’ во Скопје. Министерството за образование и наука пренаменува 100 милиони денари за доградба и надградба на ООУ ‘Блаже Конески’ во општината Аеродром, а со средства од ова министерство планирана е изградба на ОУ ‘Климент Охридски’ во село Драчево и изградба на ново основно училиште ‘Крсте Мисирков’ во Сингелиќ, Општина Гази Баба“,се појаснува во соопштението.

Со средства од Министерството за образование и наука, како што е наведено во соопштението, ќе се гради спортска сала во ОУ „Ванчо Николески“ во село Лескоец, Охрид, како и реконструкција и адаптација на простор за нова училишна зграда за потребите на ОУ „Кочо Рацин“ во Охрид.

Со средства од Министерството за труд и социјална политика во износ од 60 милиони денари ќе се гради нова детска градинка со капацитет за 100 деца во рамки на ЈОУДГ „Росица“ во Стопански двор во Општина Ѓорче Петров. Исто така, се наведува дека се предвидени и доградби и надградби и на детски градинки во Општина Аеродром.

Пренамена на средства, се додава во соопштението, ќе има и за областа животна средина.

„Во Прилеп, со средства од Министерството за животна средина и просторно планирање во износ од 90 милиони денари, ќе се гради фабрика за рециклирање отпад. Предвидена е изградба на пречистителни станици во Чучер Сандево и во Пласница“ се вели во соопштението.

Во Општина Илинден, додаваат од владината прес-служба, ќе се реконструира тамошната амбуланта, за што се предвидени осум милиони денари кои Министерството за здравство ќе ги издвои за оваа намена.

Од Агенцијата за млади и спорт, пак, ќе се пренаменат средства за изградба на спортска сала во Општина Штип.

 

 

АКТУЕЛНО