Влае и Порта Влае

Оваа скопска урбанизирана населба, е составена од две населби означени како Влае I и Влае II. Влае е во состав на општината Карпош, Скопје, а се наоѓа во западниот дел на Скопје, меѓу населбите Ѓорче Петров (на запад), Злокуќани (на север), Хром (на југ) и Карпош IV(на исток). Наслебата лежи од левата страна на реката Вардар.

Името на населбата доаѓа од Власи, иако според кажувањата на постарите жители на поранешното село Влае, тука Власи никогаш не ни живееле. Според традиционалните преданија кои сѐ уште можат да се слушнат од овие луѓе, старите влаевчани се доселиле од селото Горно Нерези на падините на Водно.

На крајот од XIX век Влае било село во Скопската каза. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Влае имало население од 40 жители, сите Македонци христијани. За селото Влае, Јордан Хаџи Константинов – Џинот забележал дека било расположено на брегот на реката Вардар и имало околу 2.000 врби и било „едно село највесело“

Денешната населба Влае е една од поновите населби во Скопје. Изградена е по земјотресот во 1963 година со своевидно проширување на селото Влае, со донации од владата на Словенија. Затоа поголемиот дел од улиците имаат имиња на словенечки писатели, како на пример „Иван Цанкар“, „Франце Прешерн“ итн.

Станбено-деловниот комплекс е проектиран во 1984 година од архитектите Димитар Димитров, Росанда Минчева, Јован Поп-Трајков и Симеон Апостолски, а изведен од проектанската организација „Македонијапроект“ (првобитно име: „Архитект“).

Тие во 1992 година ја добиле Големата годишна награда на Сојузот на архитектите на Македонија (САМ) за станбено-деловниот комплекс „Порта Влае“.

Во непосредна близина на станбено-деловниот комплекс, јужно од булеварот „Партизански Одреди“, се наоѓа основното училиште „Димо Хаџи Димов“ (поранешно име: „Јосип Броз Тито“), надвозникот „Влајко“, мостот „Обединети нации“ и плоштадот „Делфина“ изграден во 2014 година. Паркот има фонтана, клупи за седење, детско катче и цветни садници.

Во комплексот се наоѓаат девет згради, со бела фасада, во кој се застапени станбени и деловни објекти на приземјето и во мезанинот. За жителите на населбата Влае, како симбол на комплексот се смета пицеријата „Гиго“, која од 1989 година работи без прекин. Пицеријата е препознатлива по вкусните пици и панцероти. Таа претставува место во кое се организираат детски родендени, фамилијарни и пријателски собирања и др.

 

 

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави