Search
Search

ВМРО-ДПМНЕ и Левица го спасуваат Ќосето, а споменикот е дивоградба

Општина Аеродром донесе одлука за поставување на споменикот на Андон Јанев-Ќосето во населбата Горно Лисиче во општина Аеродром, а споменикот не е ниту е впишан во регистарот на меморијални споменици кој го води Министерството за култура.

Советниците на ВМРО ДПМНЕ ја поддржаа иницијативата споменикот да се постави во Општина Аеродром, а 6-мина советници од коалицијата на СДСМ беа против.

„Имајќи предвид дека станува збор за одлука, која сега е во надлежност на Собранието, по целосното комплетирање, иницијативата која е усвоена од страна на членовите на Советот на Општина Аеродром набргу ќе биде доставена до Собранието. Крајната одлука за евентуално преземање на споменатиот споменик и понатамошно негово поставување во општина Аеродром ќе ја има оваа државна институција.

Со оглед на фактот дека Советот на Општина Аеродром, како и Собранието, се претставнички органи на граѓаните, каде што членовите се избрани на непосредни избори со гласање, Општина Аеродром има обврска да ги почитува одлуките донесени од страна на двата државни органа“, соопштија од Општината.

Од Општината апелираат до сите поединци, политичките партии и другите општествени фактори да се воздржат од ширење и пласирање дезинформации поврзани со оваа тема во јавноста.

„Локацијата не е детално утврдена предлог беше да биде во Горно Лисиче во општина Аеродром. Иницијативата за расправа беше поднесена од страна на советничката група на Левица. Причините зошто во овој момент е поднесена таа иницијатива е претпоставувам поради преписките меѓу градоначалничката Арсовска и градоначалникот на општина Центар за утврдување на локација за поставување на овој споменик. Ликот на Анодон Лазов Ќосето е неспорно лик од македонската историја, современик на Гоце Делчев и останатите револуционери“ – вели Дејан Митевски, претседател на советот на општина Аеродром.

Од Општина Центар велат дека е пристигнато Барање испратено од Град Скопје за добивање согласност за отпочнување на законска постапка согласно која би отпочнала процедура за враќање на спомен обележјето на истата локација, на крстосницата помеѓу булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“.

Споменикот на Ќосето, беше поставен пред комплексот судови во Скопје пред девет години, во време на владеење на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ кое тогаш беше во коалиција со ДУИ.

Споменикот беше отстранет во време на градоначалникот Петре Шилегов бидејќи се утврди дека е дивоградба.

С.Т.

АКТУЕЛНО