фото/интернет

Во што ни се претвораат младите?!

ДЕХРАН МУРАТОВ

Деца убиваат и силуваат други деца, дел од нив се и нивни другарчиња. Ова се случува во нашето опкружување и не може човек да не се запраша – до каде може да оди ова лудило?

Со автоматско оружје синоќа (4 мај) во селото Дубона кај Младеновац, 21-годишниот Урош Б. уби осум, и рани 13 луѓе.

На 3 мај во Србија, ученик од седмо одделение со пиштол уби осум свои школски другар(к)и и член од обезбедувањето. Шест ученици и една наставничка по историја се тешко повредени и сè уште се во болница. По масакрот во основно училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, се множат шпекулации околу тоа што го навело 13-годишникот да тргне во отстрелот. Кој е виновен за незапаметениот масакр во Србија?

Една недела претходно, во Сончев Брег, Бугарија, беше пронајдено безживотно тело на 49-годишен македонски државјанин кој беше убиен од 14-годишник од Несебар. Дел од македонските медиуми не изоставија да истакнат дека 14-годишниот убиец е од ромско (!) етничко потекло.

Во Скопје, деца на возраст од 10 и 13 години силувале осумгодишно дете. Тие грозоморниот чин го снимале на мобилен и потоа го праќале на своите другарчиња. За среќа, видеото не е објавено на социјалните мрежи.

„Добил единица по историја и полудел“, „Пукал во девојката во која бил вљубен“, „Убиецот доаѓа од добро ситуирано семејство“, „Јас сум психопат“, „Коста бил под дејство на црна магија“… се само дел од насловите кои ги објавуваа медиумите со незамаглена фотографија на малолетното момче.

Вријат коментари за убиствата во Србија на социјалните мрежи, дел од нив вината за грозоморните убиства ја посочуваат кај родителите, други во системот, државата, булингот во училиштата, крими филмовите и сериите, видео игрите, ријалити шоуа…

Како и да е, загубените животи не можеме да ги вратиме, но можеме да се потрудиме да им го направиме поубав животот на останатите млади. Сите ние, без разлика на нашата положба во општеството.

Извор: Цивил Медиа

АКТУЕЛНО