Search
Search

За три години четирикратно се зголеми насилството меѓу младите

Децата се почесто во џебовите и училишните ранци носат ножеви, боксирачи, или некои други остри и тврди предмети. За само месец, имаме едно убиство на малолетник, два обиди за убиство на малолетници, пукање со пиштол, неколку тепачки кои беа јавно прикажувани на социјалните мрежи.

На 29 февруари се случи свирепо убиство во строгиот центар на Прилеп, каде што малолетник уби 14-годишно момче од прилепското село Сенокос.

На 17 февруари малолетник од Скопје бил повреден од друг малолетник пред основно училиште на подрачјето на Гази Баба.

На 6 март малолетник од скопското село Буковиќ бил повреден со остар предмет од страна на друг малолетник од с. Бојане, во близина на Трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје.

На 4 март е приведен малолетник од село Патишка река, општина Сопиште, кој во парк на подрачје на Чаир испукал неколку проектили од пиштол, од кои два завршиле во станот на С.Е. од Скопје.

Владимир Караев, претседател на здружението на граѓани РУБИКОН, во интервју за ЦИВИЛ Медиа вели дека имаме дисфункционален систем, и дека кај нас затајува детекцијата, односно навременото забележување на несоодветно однесување на детето, со тоа и навременото справување. Тој додава дека децата го гледаат тоа што го прават возрасните.

„Да вклучат било кој канал особено во предизборна кампања може да видат луѓе со титули м-р или д-р кои употребуваат насилна комуникација. Тие може да го вклучат собранискиот канал каде што можат да видат авторитети кои користат насилна комуникација, а тие се нивни модели. Јас не го вперувам прстот во децата бидејќи тие имаат одговорност во зависност од нивната возраст, меѓутоа дефинитивно имаат недостаток на позитивни модели со кои би се идентификувале на поинаков начин, вели Караев.

За три години четирикратно се зголеми насилството меѓу младите

Од Министерството за внатрешни работи за ЦИВИЛ Медиа испратија статистика за насилничкото однесување на младите во последните три години. Според статистиката на МВР може да се заклучи дека за три години четирикратно се зголеми насилството меѓу младите, односно во 2021 година има 27 регистрирани случаи, додека во 2023 година регистрирани се 102 настани на насилничко однесување помеѓу ученици.

Во 2021 година регистрирани се 27 настани на насилничко однесување, помеѓу ученици, притоа не се регистрирани потешки инциденти. Според подрачјето, најголем број настани се регистрирани на подрачје на СВР Тетово – 11. Најмногу насилства се извршени во основни училишта – 15, а 12 во средните училишта. Во однос на временскиот период, нападите најчесто се извршени за време на големиот одмор, во училишниот хол или во дворот, додека според видот, речиси во сите случаи се работи за физички напади помеѓу поединци. Од страна на Министерството, преземени се мерки против нарушителите, за што против едно лице поднесена е кривична пријава за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“, поднесени се и 14 барања за поведување прекршочна постапка против 26 лица за сторени 14 прекршоци и тоа најмногу за „занемарена грижа на дете“- седум, „физички напад“ – пет прекршоци и „учество во тепачка“ – два прекршоци, а поднесени се и три известувања до ОЈО.Во 2022 година, регистрирани се 75 настани на насилничко однесување. Подрачја со најголем број на регистрирани настани се Секторите за внатрешни работи Скопје – 26 и Тетово-24. Оваа година најмногу насилства се извршени во основни училишта – 43, а 32 нарушувања се во средни училишта. Нападите најчесто се вршат во училишните дворови или во училниците. Според видот, речиси во сите случаи се работи за физички напади извршени поединечно, кај дел од нападите мотив се претходните расправии меѓу учениците. Против нарушителите, преземени се мерки при што три лица се кривично пријавени за сторени кривични дела „насилство“, а против 68 лица поднесени се 39 барања за поведување прекршочна постапка за сторени прекршоци од ЗППЈРМ, од нив најмногу се за сторен прекршок „физички напад“.Во 2023 година регистрирани се 102 настани на насилничко однесување помеѓу ученици, од кои најголем број се регистрирани на подрачје на Скопје – 40. Министерството презеде соодветни мерки против нарушителите, при што поднесени се десет кривични пријави за кривични дела „насилство“, „насилство врз дете“, „малтретирање во вршење служба“, „тешка телесна повреда“ и „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“, а поднесени се и пет известувања до Основното јавно обвинителство. Покрај тоа, против 102 лица поднесени се 60 барања за поведување прекршочна постапка за сторени прекршоци од ЗППЈРМ, во најголем дел за „физички напад“ и „учество во тепачка“ и против родителите за занемарена грижа во врска со истите прекршоци, велат од МВР за ЦИВИЛ Медиа.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши, во рамки на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ започнува тригодишната кампања „Следна станица“, која има за цел да го поттикне практикувањето на позитивните вредности кај младите и со тоа да ја превенира појавата на насилство во училиштата.

Делфина Саздовска од Меѓаши вели дека главната цел на оваа кампања е промената која може да се постигне со само една одлука која носи кон позитивно однесување на учениците во насилството.

„Кампањата не се однесува само на содржината, станува збор за поврзување со децата, децата кои се жртви, децата кои се насилници, па и оние кои се пасивни учесници. Веруваме дека секој ученик има право да учи и да расте во средина без малтретирање, злоупотреба и дискриминација. Со поттикнување на чувството за заедница, емпатија и разбирање, имаме за цел да создадеме позитивен ефект што ја надминува дигиталната област и продира во училишната клупа“, посочи Саздовска.

Слоганот на кампањата „Следна станица“ носи силна порака дека треба да се премине од моментната состојба кон нешто ново, односно кон нова средина во која сите ученици ќе бидат среќни, ќе другаруваат и ќе се чувствуваат безбедни.

Од Хелсиншки комитет за ЦИВИЛ Медиа велат дека етничката основа речиси секоја година го зазема најголемиот дел од основите за извршените злосторства од омраза. Младите лица сѐ уште најчесто се вклучени во пристрасно мотивирани инциденти, и како сторители и како жртви.

Од Хелсиншки додаваат дека во оваа тековна година спроведуваат проект ,,Креирање на побезбедна дигитална средина за младите” кој има за цел да ја подигне свесноста за безбедноста на младите во дигиталниот простор како и да ги унапреди знаењата на средношколците за теми поврзани со дигитални права, како заштита на личните податоци, сајбер насилството и малтретирањето и дигитално родово базирано насилство. За таа цел Хелсиншки комитет ќе организира летни школи во текот на летниот распуст со истакнати експерти во областите.

Извор: Civil media

 

АКТУЕЛНО