Search
Search

Заловувачиот тим на „Лајка“ спаси куче фатено во стапица за дива свиња   

 
 

Згорзени сме од овој настан, иако не е ова прв случај, се надеваме дека ќе биде последен. Кучето било во огромни болки и ќе следи долг процес на заздравување и социјализација за да му ја вратиме довербата во луѓето, реагираат од ЈП „Лајка“. Директорката Радмила Пешева најави дека овој случај ќе биде пријавен во полиција, бидејќи како што нагласи таа, Водно мора да биде безбедно. Таа побара итно остранување на стапиците и пријавување на ваквите случаи до надлежните институции и апелираше до сите граѓани кои одат на Водно да внимаваат за својата безбедност и безбедноста на своите миленици.

Загрозувачко и тажно е она што деновиве се случувало во парк-шумата „Водно“. Најверојантно, бездомно куче фатено во стапица за диви свињи деновиве е спасено од заловувачкиот тим на ЈП „Лајка“ кој реагирал по пријава на загрижени граѓани. Веќе две недели ја посетувале локацијата и се обидувале да го заловат кучето за да го спасат од стапицата која, како што велат од „Лајка“, нелегално била поставена на „Водно“.

– Кучето беше преплашено и ни требаше повеќе време да го фатиме, но нашиот ветеринар, доктор Горан кој со многу трпение и упорност, даде се од себе, го ослободи од стапицата – велат од јавното претпријатие „Лајка“.

Оттаму велат дека кучето во моментов е во нивното прифатилиште, а ветеринарите даваат се од себе да му ја санираат раната.

– Згорзени сме од овој настан, иако не е ова прв случај, се надеваме дека ќе биде последен. Кучето било во огромни болки и ќе следи долг процес на заздравување и социјализација за да му ја вратиме довербата во луѓето – реагираат од ЈП „Лајка“.

Директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева вели дека со Законот за ловство е забранет лов во парк-шумата „Водно“ и поставување на стапици.

– Парк-шумата „Водно“ е рекреативно место, има велосипедисти, пешаци, некој може да настрада од овие стапици – вели Пешева.

Воедно, таа додава дека според Кривичниот законик станува збор за мачење на животните за што покрај парична казна се предвидува и казна затвор од една година. Казниво е и според Законото за заштита и благостојба на животните, но и според Законото за ловство.

Имено, во Законот за ловство во член 54 изрично се наведува дека е забрането ловење дивеч со стапици, мрежи, кафези, кошеви, клопки, вештачки и  жи ви мамки, употреба на рефлектори, огледала и други средства со кои може да се заслепи дивечот, магнетофони, касетофони и грамофони, лепила, омамливи средства, чад од други хемиски средства, со затвруена храна, отров …  А глобата за тоа изнесува од 100 до 250 евра.

Пешева најави дека овој случај ќе биде пријавен во полиција, бидејќи како што нагласи таа, Водно мора да биде безбедно. Таа побара итно остранување на стапиците и пријавување на ваквите случаи до надлежните институции и апелираше до сите граѓани кои одат на Водно да внимаваат за својата безбедност и безбедноста на своите миленици.

Ова не е единствен случај да настрада куче. Пешева вели дека лани исто така од стапица куче било пресечено на половината.

И од здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ се згрозени од овој случај.

– Тоа се најпримитивни сајли во вид на стапици  кои се поставуваат под лисја, во грмушки во парк- шумата „Водно“. Не се забележуваат и претставуваат сериозна опасност како за животните кои се дел од шумата, за граѓаните, а најмногу за децата кои таму трчаат. Поставени се буквално покрај патеките каде луѓето шетатаат и се рекреираат. Сајлата се оптегнува при секое најмало движење да се ослободите од неа. Животните умираат во агонија. Исто е и за човекот. Ова е криволовство. Ова е нелегален лов – потенцираат од „Анима Мунди “, наведувајќи дека тоа е организирана практика, бидејќи  ваквите стапици се поставувале години наназад.

Оттаму додаваат дека имало и други случаи кога граѓани, планинари, пријавувале вакви случаи. – За жал и покрај опасноста институциите ова го игнорираат, иако е пријавувано, децидни се од „Анима Мунди“.

Тие бараат итно постапување од сите надлежни. Да се идентификуваат сите стапици и брзо да се отстранат, да се гонат сторителите согласно Законот за ловство, одговорност согласно Законот за заштита и благосостојба на животните и кривична затворска казна за мачење на животни и предизвикување јавна опасност.

АКТУЕЛНО