Search
Search

Граѓаните ќе протестираат против донесениот ДУП за населба Лисиче

Жителите на општина Аеродом и населба Лисиче денес се организираат за протест против новиот ДУП со кој се предвидува бетонизација на Лисиче и изградба на на висококатница на 12 ката, на крстосницата помеѓу булеварите „Србија“ и „12-та Македонска бригада“.

Советот на Општина Аеродром, на вчерашната седница го донесе Деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче, кој предвидува изградба само на една зграда, два паркови и решава важни урбанистички и комунални прашања на граѓаните кои живеат во овој дел од општината. Финалната верзија на урбанистички план е изработена да го унапреди урбаното живеење и да го подобри квалитетот на живот во Аеродром и во истата се инкорпорирани забелешките и мислењата на сите засегнати страни – соопштија од Општината.

Оттаму додаваат дека ДУП за дел од населбата Лисиче добил позитивно мислење од сите надлежни институции, вклучително Министерството за транспорт и врски, Министерство за животна средина и Градот Скопје.

Потенцираме дека станува збор за Детален урбанистички план што решава важни, децениски прашања на граѓаните и отвора простор за развој и ново зеленило во општината. Оттука, целосно неточни се тврдењата за наводна бетонизација на општината и тие единствено одат во прилог на дневно политичките интереси на одредени политички структури, чија деструктивност, неодговорност и несериозност веќе е потврдена во неколку наврати – тврдат од Аеродром.

Но жителите на Лисиче не мислат така. Според нив, ДУП е ставен на дневен ред на седницата без претходна најава со што на граѓаните им е ускратено правото да организираат протест со кој би се блокирало носењето на планот.

-Историјата ќе го памети градоначалникот Тимчо Муцунски и партијата ВМРО-ДПМНЕ како предавници на граѓаните што ги гласале, одејќи против нивната волја, искажана на повеќе од три анкетни листови, а за свои лични и партиски лукративни интереси! Ви ветивме само чесна и искрена борба против градежната мафија и останавме достојни на себеси, но корумпираните советници на ВМРО-ДПМНЕ ја одлучија нашата судбина. Овој ден ќе биде запаметен во историјата како ден кога населба Лисиче како што сите ние ја знаеме, умре – велат од групата „Да го зачуваме Лисиче“.

Минатогодишните реакции и протести на жителите од Лисиче, кои жестоко се спротивставија на предложениот ДУП на Општина Аеродром со кој во нивната населба со семејни куќи се планираше изградба на станбени згради, меѓу кои и неколку на 11 ката, паднаа во „вода“. На протестите жителите кажаа „не“ за изградба на згради, затоа што сметаа дека доколку се донесе овој ДУП, неговата реализација би ги направила затвореници во нивните домови, би го запрела протокот на свеж воздух и сончевата светлина, односно би го нарушил квалитетот на животот во нивната населба.

Општината, која за планот организираше три јавни анкети, по кои, поради многуте однесени анкетни листови со забелешки од жителите, правеше корекции на предлог планот, по нецела година од последната јавна анкета, вчера го стави ДУП-от на гласање во општинскиот Совет.

Советниците го изгласаа, а Општината информираше дека со донесената крајна верзија на овој план во населбата ќе се изгради само една зграда. Како што велат оттаму, со донесувањето на планот Општината покажала отвореност, транспарентност и грижа за проблемите на граѓаните и истиот отвора можност за понатамошен економски развој на општината.

 

 

 

 

 

 

АКТУЕЛНО