Search
Search

Златен глобус 2024: „Опенхајмер“, „Кутри нешта“ и „Наследници“ триумфираа на годинашните филмски награди

Сезоната на филмски награди за 2024 година официјално започна. Осумдесет и првото по ред доделување на Златните глобуси синоќа се одржа во Беверли Хилтон во Лос Анџелес.

Филипинско-американскиот комичар Џо Кој само месец дена пред церемонијата го прифати предизвикот да биде домаќин на Златните глобуси, па имаше малку време за подготовка.

По неговиот вовед, започна доделувањето на наградите, кои се своевидно признание за квалитетот на професионалците од филмската индустрија.

На годинашното доделување на Златните глобуси триумфираа историската драма „Опенхајмер“ за научникот Роберт Опенхајмер на британскиот режисер Кристофер Нолан и готската комедија за починатата жена која научниците ја оживуваат „Кутри нешта“ на грчкиот режисер Јоргос Лантимос.

Филмот „Опенхајмер“ е прогласен за најдобар драмски игран филм, а „Кутри нешта“ за најдобра комедија или мјузикл.

Ѕвездата на „Опенхајмер“ Килијан Марфи ја доби наградата за најдобар актер за неговиот портрет на Роберт Опенхајмер, додека Ема Стоун ја освои наградата за најдобра актерка во филмска комедија или мјузикл.

Златен глобус за најдобра актерка во драма го освои Лили Гладстон за улогата во филмот „Убијци на Цветната Месечина“, додека најдобар актер во комедија беше прогласен Пол Џамати за улогата во филмот „Оние кои остануваат“ („The Holdovers“).

Кристофер Нолан е прогласен за најдобар режисер за режија на „Опенхајмер“, а Роберт Дауни Џуниор, кој во филмот го играше непријателот на Опенхајмер, ја доби наградата за најдобра споредна машка улога.

Да’Вајн Џој Рендолф го освои глобусот за најдобра споредна женска улога во „Оние кои остануваат“ („The Holdovers“).

За најдобар странски филм е прогласена француската драма „Анатомија на падот“, која ја доби и наградата за најдобро сценарио. Наградата за најдобар анимиран филм ја доби „Момчето и чапјата“.

Што се однесува до телевизиските остварувања, серијата „Наследници“ е прогласена за најдобра драмска серија, а серијата за проблемите што ги мачат сопствениците на успешен ресторан „Мечката“ за најдобра комедија.

Филмот „Барби“ ја освои наградата за филмски и достигнувања на благајните – новододадена категорија оваа година која имаше за цел да го зголеми признанието на комерцијално успешните филмови. Додека песната „What Was I Made For?“ ја освои наградата за најдобра оригинална песна, со што Били Ајлиш и Финес го освоија својот втор Златен глобус во кариерата.

 

 

АКТУЕЛНО