Search
Search

Зонското нема да го реши проблемот со паркирањето!

Жителите на Карпош сметаат дека воведувањето на зонското нема да го реши проблемот со паркирањето. Доколку не се регулира градежната мафија, велат тие проблемот со паркирање напротив ќе се зголемува.

– За да решите некој проблем треба да знаете што го предизвикува.Во старите правилници за урбанизам се предвидуваше 2 паркинг места по стан, потоа политичарите во спрега со градежната мафија го сменија правилото на 1.5 паркинг место по стан, па 1 паркинг место по стан… Значи услов беше: ако сакаш да градиш зграда со 20 стана, треба да имаш обезбедено 20 паркинг места во твојата парцела. Градежната мафија за да добие одобрение за градба, во општина предава проект со обезбедени 20 паркинзи во парцела, а на терен гради 25 стана со 10 паркинзи во парцела. (Да не зборуваме за трендот на надградба на старите згради во Карпош 1 и Карпош 2-нема потреба од нови паркизи). Градежен инспектор не постои. Ако се направи анализа на се што е изградено од 90-тите наваму, ќе се види дека нема зграда со потребниот број паркинзи во парцела – реагира жител на Карпош кој сака да остане анонимен.

Тој додава дека наместо на секој станар да му следува бесплатно паркинг место во парцела, инвеститорите ги продаваат малкуте паркинзи по ненормални цени. При тоа, граѓаните решаваат да купат стан без паркинг место, а возилата ги паркираат по околните тротоари и улици.

-Следно што може да очекуваме е пренамена на јавните простори и паркови во паркиралишта за новите згради – вели анонимниот жител на Карпош.

Тој смета дека треба да се побара да се донесе регулатива, за секоја идна градба – бесплатно паркинг место во парцела за секој стан во зградата. Потоа, забрана за пренамена на гаражите во магацини и дуќани. При тоа, додава дека ни се потребни поголем број на непоткупливи градежни инспектори кои ќе работат транспарентно и ќе објавуваат редовни извештаи за секој објект што се гради.

-За да се спроведе ова треба сериозен граѓански притисок врз политичарите кои секогаш работат во интерес на градежната мафија- така и тие профитираат – дециден е анонимниот жител. /Вечер/

АКТУЕЛНО