Зошто да студирате на новата програма за Дигитално земјоделство на ФЗНХ?

Потребата за примена на вештини од новата технолошка ера од следнава академска година креира нови хоризонти за освојување на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје во состав на УКИМ во Скопје. Студентите кои ќе ја одберат новата програма за Дигитално земјоделство, ќе имаат можност првенствено да научат да препознаат и применат дигитални решенија во земјоделството. Студентите ќе стекнат знаења за употреба на различни дигитални решенија во земјоделството, а ќе научат и како да ги собираат, анализираат и употребат дигиталните податоци. Со примена на напредните технологии и дигитализацијата тие ќе го променат и дигитализираат начинот на производство на храна во земјава.

Иако не е мал бројот на претпријатија од земјоделско – прехранбениот сектор кои веќе воведуваат сегменти од дигиталното земјоделство во процесот на работа, сепак недостига соодветно образован и квалификуван кадар, кој со примена на паметните технологии ќе помогне традиционалното земјоделство да биде поефикасно, одржливо и економски поисплатливо.

Што ќе значи новиот профил земјоделски инженер по дигитално земјоделство за домашниот бизнис сектор? Потребен кадар кој ќе биде подготвен да воведе применливи решенија и иновации во производството и преработката на храна и ќе биде пионер во примената на новите технологии и практики, кои ќе придонесат за трансформација на традиционалното во дигитално земјоделство. Новите барања на бизнисот се со еден „клик” да се управуваат и оптимизираат земјоделски површини и природните ресурси наменети за производство на храна.

Од Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) – Скопје објаснуваат дека потребата да се следат и имплементираат новите трендови во земјоделството, особено кога голем дел од процесите бараат модернизирање и рационализирање, мора да се остварува преку мултидисциплинарен пристап, поради што ФЗНХ во тесна соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ и Машинскиот факултет – МФ, заеднички ја создадоа новата студиска програма по Дигитално земјоделство, која ќе се реализира во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Новата студиска програма – Дигитално земјоделство опфаќа студии во кои се предвидува изучување на прецизни земјоделски практики и технологии во растителното и анималното производство, примена на дигитални технологии во производството и преработката на храна, дигитални технологии во справување со климатските промени и заштитата на животната средина, сензори и вградливи микрокомпјутерски системи, машинско учење и вештачка интелигенција, мехатроника со автоматизација, дронови, геоинформациски технологии, иновациски менаџмент, роботика, компјутерска визуелизација, дигитален маркетинг, анализа на податоци и анализа на сателитски снимки во земјоделството, моделирање, како и знаења и вештини за потполно разбирање на процесите врз кој базира земјоделството“, вели проф. д-р Вјекослав Танасковиќ од ФЗНХ, поранешен декан и еден од иницијаторите на оваа студиска програма.

Во новата студиска програма е предвидена и континуирана пракса за студентите, преку која Факултетот во соработка со стопанството ќе ги оспособи идните студенти да одговорат на секојдневните предизвици во земјоделството и во производството и преработката на храна, односно да бидат спремни и веднаш препознаени на пазарот на трудот во нашата држава и пошироко. Секако, тука особено треба да се потенцираат квалитетните просторни и лабораториските капацитети со кои располагаат организаторите на оваа студиска програма (ФЗНХ, ФИНКИ, ФЕИТ и МФ), како и новата Лабораторија за дигитално земјоделство во рамки на ФЗНХ, кои ќе овозможат идните земјоделски инженери да ја имаат клучната улога во обезбедувањето на знаења и вештини и трансфер на истите во секторот, но и континуирана поддршка на секторот преку користењето на овие капацитети реално во пракса.

„Најголемата придобивка од процесите на дигитализирање и модернизирање на една од најблагодарните и најхумани професии, односно земјоделството и производството на храна, е што овие технологии позитивно ќе влијаат на приносите, полесно ќе се менаџираат земјоделските активности преку автоматизација на процесите, ќе се подобри профитот во компанијата, ќе се намали влијанијето врз животната средина, односно со еден збор се поддржува одржливиот развој на планетата Земја“, дополнува професор Танасковиќ од ФЗНХ.

Факултетот ги поканува матурантите да аплицираат на новата студиска програма – Дигитално земјоделство и да бидат дел од трансформацијата на оваа значајна индустрија.  Новата студиската програма за Дигитално земјоделство на Факултетот за земјоделски науки и храна во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е развиена со поддршка од Владата на Швајцарија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) спроведена од групацијата Паладиум, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Постојаната работна група за регионален рурален развој (ПРГ РРР).

 

На следниот линк може да се дојде до видео со објаснување за програмата за Дигитално земјоделство:

Digitalno zemjodelstvo FZNH UKIM HD (youtube.com)

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави