Search
Search

Ќе „замижат“ ли Лисичани пред двете 11-катници во замена за легализација на куќите?

Новиот, поточно коригираниот план за населбата Лисиче, од почетокот на идната недела ќе биде на увид на граѓаните, па тие ќе имаат шест работни дена да се изјаснат за овој ДУП, во кој, како што тврдат од Општина Аеродром, се внесени дел од забелешките на жителите дадени во анкетните листови. Дали овој нов план ќе биде по мерка на граѓаните, веројатно ќе се покаже по јавната презентација која ќе се одржи во среда на 5 јули.

Засега лисичани молчат. Нивниот став во врска со претходно предложениот Детален урбанистички план за Градска четврт JИ09 блок 09.01 беше повеќе од јасен и го искажаа и преку петиции и со протести – да нема бетонизација на Лисиче, односно да нема изградба на девет нови згради во населбата.

Предложениот ДУП, кој ги крена лисичани на нозе, предвидуваше во населбата да се изградат девет згради, од кои една 11-катница и три на седум ката. На празниот простор покрај булеварот Србија, имаше маркички за четири големи згради, а уште пет беа предвидени покрај улицата 12 Македонска бригада, со приземје, четири ката и поткровје.

Згради се зацртани и во новиот ДУП што од понеделник ќе биде на јавна анкета, но не во толкав број. Од она што може да се види на синтезниот план, во него се впишани само три објекти со А2 намена, односно згради за колективно домување. Две од нив се наоѓаат на иста парцела, на аголот помеѓу булеварите Србија и 12 Македонска бригада и двете се висококатници од по речиси 38 метри, односно со приземје, десет ката и поткровје. Покрај булеварот Србија, предвидена е уште една зграда со приземје, три ката и поткровје. Сите згради се на локации каде сега се наоѓаат автоплацеви.

На останатите дури 460 парцели се зацртани индивидуални куќи со приземје, еден кат и поткровје, а на шест од нив, според планот им е дозволено да изградат уште по еден кат повеќе. Тоа значи дека доколку се прифати овој план, сите постоечки куќи кои досега се воделе како дивоградби, ќе бидат легализирани. Дали тоа ќе биде доволен мотив за лисичани да „замижат“ за двете висококатници што треба да се градат, останува да се види.

Вкупната површина за градење која на овој простор ја дозволува предложениот план е 51 980 метри квадратни, на која би се добила изградена површина од 168 042 метри квадратни.

И Генералниот урбанистички план за периодот од 2012 до 2022 година, кој е сѐ уште на сила додека не се донесе новиот, во оваа градска четврт предвидува домување. Во целиот плански опфат JИ09, максималниот дозволен број на жители е 3000, односно 833 семејства. Само во блокот 09.01, за кој се однесува предложениот план, во ГУП се предвидени 1650 жители. Во предложениот ДУП нивниот број е 2884.

Неодамна од Општина Аеродром објаснија дека втората верзија на ДУП се направила откако Комисијата за урбанизам ги разгледала и ги прифатила најголемиот дел од забелешките во рамките на јавната анкета која се спроведе изминатиот период, затоа што најважен им бил интересот на граѓаните.

Интересот на граѓаните е приоритет во носењето на одлуките во Општина Аеродром, вклучително и оние од областа на урбанизмот. Одлуките кои ги носиме како Општина имаат цел решавање на клучните проблеми и подигнување на квалитетот на живеење во општината, за што клучна улога има дијалогот и отворената постапка на носење одлуки во согласност со потребите на граѓаните – истакнаа од Аеродром.

Коригираниот ДУП од понеделник ќе биде изложен во просториите на ОУ „Димитар Македонски“, а граѓаните ќе можат да го видат до 10 јули, поточно до идниот понеделник. Јавна презентација ќе се одржи на 5 јули во 17:00 часот.

Додека трае јавната анкета заинтересираните фирми и граѓани можат да достават анкетните листови што ќе можат да ги најдат во просториите на училиштето, а во определениот рок можат да се достават забелешки и предлози и во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам.

Извор: Слободен печат

АКТУЕЛНО