Јанчева: Сведочиме за заробен и блокиран град, се надевам Скопје нема да стане и колабиран и банкротиран град

Кога се подготвував за денешнава емисија се сетив на моето претходно гостување кога реков дека сведочиме за заробен град. Сега ќе додадам дека сведочиме и за блокиран град, а не би сакала да треба да сведочам и за колабиран или банкротиран град“ изјави Љубица Јанчева, советничка во Град Скопје од СДСМ во „Вин-вин“ на Телма.

Таа додаде дека тие како опозиција во Советот на Град Скопје се тука за да бидат коректор на тоа што е ветено.

„Ние не гласавме за буџетот, но програмата за урбанизам треба да се донесе поради тоа што во неа се содржани извесен број измени со кои ќе се продолжи експропријацијата за мостот Михајло Апостолски. Од тие причини е потребна консолидација на советот и таквите одлуки да се донесат“ рече Јанчева.

Советничката во Град Скопје додаде дека јасен факт е чија е градоначалничката на Скопје и чие е мнозинството во Град Скопје.

„За разлика од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, јас не сум била со Данела на ти, таа не беше наш кандидат. Ние на последните локални избори имавме свој кандидат. Поддршката ја баравме за друг кандидат и гласавме за друга програма. Ние побаравме вонредна седница по информацијата дека една од сметките на Град Скопје е блокирана. Тоа е прашање за кое час поскоро треба вонредна седница. Нашето барање, согласно деловникот, беше потпишано од најмалку една третина членови на советот. Доставено беше во понедленикот, а уште нема абер. Таквото однесување е недопустливо, одговорноста тука ја барам од претседателот на Советот“ рече  Јанчева 

Таа додаде дека кога има барање за вонредна седница, тогаш претседателот на совет е должен да ја закажа, а оправданоста на тоа барање се гласа дополнително.

„Вчера добивме информација дека најран термин за вонредна седница е 27 мај. Тоа се 15 дена од барање, што е период за две редовни седници. Потребна е вонредна седница и за мостот кај Беласица исто така час поскоро“ рече Јанчева.

Советничката истакна дека Советот на Град Скопје треба да дискутира, да донесе заклучоци и да даде задолженија на градоначалничката во врска со опожарениот мост.

„Ваквата ситуација е прашање за вонредна седница. Час поскоро треба да добиеме одговори и да се почне со санација на мостот“ рече Јанчева, која додаде дека не може градоначалничката да се обвини за пожарот, но тоа не значи дека Град Скопје не треба ништо да прави.

 

АКТУЕЛНО