Жените и градот

ЏАБИР ДЕРАЛА

 

Не, ова не е соблазнувачки текст за „поубавиот пол“, ниту за женскиот сензибилитет во урбаната култура.

Бидејќи тоа не постои, освен во евтините сапуници на лажната политичка коректност.

Ова не е ниту „Сексот и градот“, иако под тој наслов се кријат многу поенти што ги подразбира и овој текст.

Иако е релативно површно и со смирен тон, ова кратко четиво е громогласна опомена за тоа каде е човечкото битие во 21-от век.

Кратка белешка на тема што е поголема од било кое социо-политичко прашање на современите политичари. И урбани планери. Whatever that means.

Читајте и меѓу редовите и по нив. Особено ако живеете во имитација на урбаното живеење (Скопје).

Да видиме. Еволуциски, 2.000-3.000 години не се многу во развојот на човечкото битие. Така, ни примордијалните пориви (нагони, импулси) не се променети многу.

Иако денешните градови изгледаат многу различно од оние пред две, три, па и повеќе илјади години, примордијалноста кај нивните жители останала на тие почетни нивоа, од тоа дамнешно време.

Научно-технолошките придобивки што му се потребни на градот да биде град – од канализацијата во стариот Рим и амамите во Истанбул до современите технолошки чуда со кои се служат сегашните градови – се вртоглаво побрзи во развојот отколку човекот, жител на градот. Тоа најлесно и најдобро се забележува од положбата на жената во градот. Впрочем, тоа и е проблемот.

Урбаната култура и жената е тема со која малку се занимаваат дури и научниците, а уште помалку политиката, медиумите, образованието и културата.

Дизајнирањето на градовите немаат речиси ништо женско во себе. Со други зборови, градовите се машки конструкт.

Иако жените се суштински, често пресуден дел во изградбата и животот и опстанокот на градовите, машкиот „елемент“ секогаш успева да се наметне како доминантен.

Мажите се тие што ја носат последната одлука за изгледот, функционалноста и концептот на градовите. Ако не ги занемаруваат целосно, политиките во градовите, во најмала рака, ги запоставуваат жените, нивните потреби и интереси секогаш и на сите нивоа.

Жените имаат право на градот, барем исто толку колку и мажите. Но… Потребно ли е посебно да се опишува колку жените не го добиваат тоа право? Мислам дека е сосема излишно од докажување на овој став.

Едноставно, градовите не ги третираат на ист начин мажите и жените (кои се во благо мнозинство пред мажите), како ни децата и младите, а меѓу нив, повторно премногу нешта зависат кое дете е од машки, а кое од женски род(!).

Тоа уште повеќе се однесува на помалку признаените или целосно непризнаените групи како што се трансродовите лица или сексуалните малцинства.

Ниедна од овие категории на човечки суштества не го живее животот во градот со истите права и на истите начини на кои тоа им е овозможено на мажите.

Женското тело е прво на удар – тоа е „територија“ на мажите, каде што тие секојдневно го истураат своето насилство и – примордијалност.

Но жените се посилни од мажите. Низ милениумите, тие ги обликуваат градовите и нивните истории на само свој начин, истовремено женски и суперхеројски.

Како легендарната Мара Бранковиќ во приказната „Црвеното јаболко“, на пример.
Без оглед на родовото непријателство што го изразуваат и спроведуваат мажите во општеството, силно изразено низ урбаната култура и урбаното живеење, постојано гледаме инспиративни ликови меѓу жените насекаде – од сиромашните семејства, до интелектуалки или политичарки.

Тоа се тие супер хероини што постојано му даваат одговор на машкиот „елемент“ на градовите.

Како во сајбер-панк стриповите и филмовите. Само помалку видливо, но не помалку ефективно.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави