ЈСП повторно ќе набавува камери во автобусите

Иако во некои автобуси се забележува дека има камери сепак Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ќе набавува монитори, камери и останата опрема за видео надзор во автобусите, со која би се идентификувале учесници во инциденти во автобусите или напади врз возачите кои се случуваат често пати.

Се работи за 60 монитори за емитување на слики од камери и 70 камери за видеонадзор, за што веќе е распишана јавна набавка, а најповолните понуди ќе се изберат по пат на електронска аукција.

За носител на набавката ќе биде избран оној економски оператор кој ќе понуди најниска цена, а чија понуда претходно е оценета како прифатлива. Со оглед на тоа дека конкретнава постапка завршува со спроведување на електронска аукција, нема да се врши бодување на понудите, туку само рангирање на понудувачите според висината на понудените цени.

Како што е наведено во тендерот, набавката ќе се врши сукцесивно за период од 12 месеци, а носителот на набавката е должен да го испорача предметот на договорот, согласно потребите на јавното претпријатие, во рок не подолг од 30 дена, од денот на нарачката.

Јавното претпријатие не презема обврска за преземање на вкупното количество.

Понудите треба да се достават најдоцна до 17 мај до 9:30 часот, кога и ќе се спроведе нивното јавно отворање.

Во 2018 имало камери во 50 двокатни автобуси, а од нив 70 отсто биле се во функција.

Видео надзор беше најавен и  2016 година кога беше направена набавката на опрема за видео-надзор во автобусите и видео и алармен-надзор во автобазите и продажните места на ЈСП, тогаш беше Игор Јанушев директор на Јавното сообраќајно претпријатие во Скопје.

Поставувањето на видео камери и воспоставување на видео надзор беше најавено уште во 2013 година по инцидент во автобусот на линијата со број 65, кога во селото Сингелиќ брутално беа претепани осум средношколци. Но, до сега за жал овој проект не беше реализиран.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави