Фото Градска

ФОТО Ќе блесне со вистинскиот сјај – Универзална сала доби нова кровна купола

Ја крунисавме Универзална сала со поставување нова покривна купола. Во тек е реконструкцијата на препознатливиот елемент на мултимедијалниот објект, симболот на солидарно Скопје. Со замена на старата купола непречено се одвива првата фаза од реконструкцијата на Универзалната сала која ќе ја обликува надворешноста на зданието, напиша министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска.

Фото Градска
Фото Градска
Фото Градска

 

  

Таа додава дека Универзалната сала има долга и значајна културна меморија за градот и државата низ чие постоење се претставувала културата низ различни форми. На публиката и на граѓаните им должиме нова, современа и автентична сала.

-На дело покажуваме како се грижиме за развојот на културата и нејзината промоција, вели министерката.

Градежните работи на објектот Универзална сала во Скопје почнаа уште во февруари, а реконструкцијата ќе се одвива во две фази и се очекува да биде завршена до 2026 година кога објектот треба да е подготвен за настани и да ги прими своите посетители. Во текот е првата фаза, односно реконструкција на кровот и на фасадата, а потоа продолжува техничката фаза и ентериер.

-Министерството за култура презеде обврска во наредните три години непречено да го реализира проектот, затоа што има обезбедено финансиски средства и комплетна документација. Универзална сала има емотивна вредност и за скопјани и за публиката. Универзалната сала му недостига на Скопје, им недостига на уметниците и на културните работници, рече тогаш  Костадиновска Стојчевска.

Според министерката, развојот на културата не може без еден ваков мултифункционален објект. Универзалната сала, како што рече, им припаѓа на уметниците, на културните дејци, а пред се на публиката.

-Затоа, нашата мисија е во наредните три години и овој простор да се уреди, како што му доликува на Скопје. Чест ми е но и голема одговорност целиот процес на реконструкција да се одвива професионално, стручно и посветено онака како што ние настојуваме да ја промовираме културата. Граѓаните не смееме да ги оставиме без својот дом, односно без Универзална сала, додаде Костадиновска Стојчевска.

Проектантот од „Мегарон инженеринг“, Бујар Муча изјави дека проектот е готов во сите свои фази уште од 2021 година, и сега е ставен на располагање на изведувачите.

Во однос на сцената и просторот за публиката, Муча посочи дека тој ќе биде комплетно модернизиран, а бројот на седиштата ќе се намали заради новите прописи. Како што информираше, ќе има 300 седишта помалку заради противпожарни но и сите други архитектонски прописи.

Министерството за култура откако ќе ја финализира градбата ќе го предаде објектот на Град Скопје со целокупната пропратна документација во однос на изведувањето.

Инаку, за оваа година за реконструкцијата на Универзалната сала се обезбедени вкупно 120 милиони денари. За 2025 година се обезбедени 443 милиони денари и истата таа сума се предвидува и за во 2026 година.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави