Првиот понеделник во мај е резервиран за најелитниот моден настан на годината – Мет гала. Во понеделникот целиот моден свет се собра во музејот „Метрополитен“во Њујорк, каде што беа претставени најекстравагантните модни комбинации.
Годинашната тема беше „Градината на времето“, инспирирана од насловот на кратката приказна на британскиот писател Ј.Г. Балард од 1962 година. Сижето е сместено во градина исполнета со цвеќиња кои манипулираат со времето. Темата на Балард ја придружува и изложбата на Институтот за костим – „Заспаната убавица: повторното будење на модата“, која ќе може да се погледне во музејот Метрополитен од 10 мај до 2 септември.
Раперот Бед Бани, пејачката Џенифер Лопез, актерот Крис Хемсворт и актерката Зендаја беа поканети да бидат годинашните копретседавачи на настанот, заедно со главната уредничка на „Вог“, Ана Винтур. Секој од нив се најде на листата со најдобро облечени на настанот – Бед Бани се појави во скулптурален костум на „Маржела“, Џенифер Лопез продефилира во раскошен фустан на „Скјапарели“, Крис Хемсфорт пристигна во елегантен костум на „Том Форд“, а Зендаја ги воодушеви сите со дури две впечатливи креации – фустан на „Маржела“ и винтиџ парче на „Живанши“ од 1996 година.
Сосема очекувано, цветните и ботаничките мотиви доминираа на црвениот тепих. Раперката Ники Минаж се одлучи за фустан на „Марни“, обложен со рачно насликани метални цветови, а Џиџи Хадид за тродимензионален цветен балски фустан од Том Браун. Актерката Адвоа Абоа го имаше најдобриот труднички момент на вечерта, облечена во црвен цветен изглед на „Х&М“.
Некои од гостите се оддалечија од темата, но неминовно оставија силен впечаток. Пејачката Лана Дел Реј се појави во авангардна креација на Александар Меквин, со драматичен вел на главата. Со ова модно парче од 2006 година, таа му оддаде почит на британскиот дизајнер, кој почина во 2010 година.
Младата пејачка Тајла го имаше своето деби на црвениот тепих на Мет гала и, дефинитивно, успеа да го привлече вниманието кон себе. Таа носеше фустан направен од песок, кој е оформуван како скулптура по нејзиното тело, и ги освои симпатиите на модните критичари. Фустанот е креација на модната куќа „Балман“, а инспириран е од желбата да се редефинираат границите и минливиот материјал да се трансформира во вечно ремек-дело.