Search
Search

Парламентарното Собрание на НАТО ги признава злосторствата на Русија против Украина како геноцид

Парламентарното собрание на НАТО едногласно ги призна злосторствата на Русија против Украина како геноцид, а терористичкиот режим во Русија како рaшизам, објави на Фејсбук Јехор Черниев, шеф на постојаната делегација на Украина во Парламентарното собрание на НАТО, пренесува ЕвропскаПравда.

Како што објави Черниев, за време на седницата на собранието во Луксембург е усвоена декларација која вклучува едногласна поддршка од парламентарците на земјите на НАТО за меѓународен трибунал, помош за Украина за време и по победа.

Понатаму, во документот се признаваат руските злосторства против Украина како геноцид, се осудува идеологијата на рашизмот, се поддржува обновувањето на територијалниот интегритет, санкциите, репарациите, а исто така и „Маршаловиот план“ за Украина, посочува пратеникот.

„На седницата на Собранието во Луксембург постигнавме усвојување на исклучително силна декларација што ќе има далекусежни политички последици“, изјави Черниев.

Дополнително, Собранието ги повика владите на своите земји-членки отворено да објават на самитот во Вилнус дека Украина ќе се приклучи на Алијансата и да договорат конкретни чекори за пристапување на Украина во НАТО.

„Ова е наша дипломатска победа. Сите наши клучни барања во врска со конечниот текст на декларацијата се земени предвид“, додава Черниев.

Пратеникот нагласува дека благодарение на оваа одлука „поставен е темелот за самитот на НАТО во Вилнус“. Тој додаде: „Парламентарците на земјите од Алијансата го изразија својот став. Сега останува на владите“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски инсистира дека Украина нема да се согласи со какви било алтернативни предлози што би можеле да го заменат нејзиното членство во НАТО.

Украина нема да прифати никаква друга одлука на самитот на НАТО во Вилнус во јули, освен вистински чекори кон нејзиното членство во Алијансата, изјави министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Извор: Civil Media

АКТУЕЛНО