Силно невреме со пороен дожд и грмежи вчера попладнето ги зафати Кавадарци и околината, каде во последните денови исто така имаше слични нестабилности кои предизвикаа проблеми во сообраќајот, но затнаа и дел од градскиот колектор.
– Од синоќа се излезени екипи на ЈП „Комуналец” со механизација од три скипови, два камиона, три трактори и 20 работници. Се расчистува наносот, наталожените решетки и сливници и со три цистерни се перат улиците од калта. Исто со свои екипи учествуваат и ТППЕ Кавадарци, кои помагаат во перењето на улиците и испумпувањето на водата од поплавените простории, изјавија од јавното претпријатие „Комуналец“.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, на својот фејсбук-профил објави дека и покрај интензивните врнежи од дожд кои го зафатија градот екипите на Јавното претпријатие „Комуналец“ се излезени на терен во повеќе населени места во Тиквешијата на кои постои опасност од одрони.