Билјана Црвенковска, писателка, сценаристка, преведувачка: Борбата со ветерниците заморува, но ние сме вечни оптимисти

Со еден збор – писателка. Тоа е Билјана Црвенковска која е неуморен пишувач и трагач по убавината, по квалитетот, по создавањето на високо ниво на уметност која би се рамнела со она што во сферата на книжевноста се негува во развиените европски земји. Пишува книги за деца, но и за возрасни, втурната е и во сферите на филмот и играните серии за деца. Таа е вечен оптимист за развивање на книжевноста во секоја нејзина форма, а во последно време ја окупира „Чудна шума“ – новиот македонски издавачки бренд. Тоа е една симпатична и уникатна кафе-книжарница, галерија и принт студио, каде на мал квадратен простор можете да најдете мноштво од прекрасна литература. Билјана Црвенковска во ова интервју зборува за идејата и функцијата на оваа куќа, но и за паралелите со светот, како и за локалните маани во светот на книжевноста и за нејзината борба во овие тешки времиња за културата да се успее и да се најде „чаре“ како книгата да му се доближи на современиот човек:

Билјана, во последно време Ве окупира „Чудна шума“, една, според мене, прекрасна издавачка куќа и книжарница, автентична, која се бави со сѐ, но најмногу со детска домашна и странска литература. Ајде накусо, за формирањето, за идејата, за името (претпоставувам доаѓа од песната на „Дисциплина кичме“)?

– Сѐ почна во 2018 година кога со мојот партнер Кире Галевски, кој веќе имаше свое студио за фотографија и дизајн, решивме да додадеме уште една дејност – издаваштвото. Бев тукушто излезена од издавачката куќа „Арс Ламина“ каде што работев како уредник, имав многу хонорарни проекти (или „фриленс“ ангажмани) како сценарист во „Светот на Биби“, работев на серијата „Зоки Поки“ и на „Пет Плус фамилија“, па некако нужно следуваше тоа да отворам своја издавачка куќа преку која би можела да ги издавам своите авторски книги – за деца, но и за возрасни читатели. Па така одлучивме да направиме нов бренд само за издаваштво, да смислиме име кое ќе биде атрактивно подеднакво и за децата и за возрасните, а ќе ја обединува во себе нашата љубов кон книгите, уметностите, природата и животните. Ни се допаѓаа имиња како „Црна мачка“ (но, тоа веќе го имаше „Бегемот“ во своето лого), пример ни беше издаваштвото „Љубопитна врана“ („Nosy Crow“) од Велика Британија, сакавме нешто во тој правец. И тогаш Кире се сети на „Чудна шума“ – хитот кој ние многу го сакаме (и тоа токму обработката на „Дисциплина кичме“, а не оригиналот на „ЈУ група“). Зоран Кардула го направи логото и приказната со издаваштвото почна на почетокот на 2019 година. Потоа, во мај 2023 година, се отвори мултифункционалниот простор „Чудна шума“ – кафе-книжарница, галерија и „FineArt“ принт студио – кое од неодамна е и прво сертифицирано студио во регионот на нашиот официјален партнер, реномираниот германски бренд за производство на уметнички хартии „Ханемуле“.

И приказната продолжува понатаму, се разбира, бидејќи постојано смислуваме нови и интересни нешта и неуморно работиме да ја промовираме книжевноста и уметностите и да ги едуцираме младите генерации да ги негуваат вистинските вредности.

Фото: Кире Галевски

Од каде храброста во ова време на владеење на инстант-културата, или време на немање на „слух“ за книгата, да се решите да тргнете во оваа, за многумина, непредвидлива авантура?

– Сметам дека на многумина сѐ уште не им е сосема јасно во колкава криза е културата во нашата земја (особено вонинституционалната), а издавачкиот сектор е – според мене – на најниското ниво досега. Ако излезете од Македонија и поразговарате со луѓето кои се активни чинители во креирањето на културните политики во други земји, еве да тргнеме од регионот, сите кажуваат едно нешто: доколку не се преземат чекори за вмрежување и општа поддршка на издавачкиот сектор и сите учесници во него (издавачите, книжарите, библиотеките, училишните библиотеки итн.) – тој нема да опстане. И, да нагласам, под ова не подразбирам издавање на комерцијални наслови кои се купуваат како „лесни четива“ или „четива за читање на плажа“, туку зборувам за издавање на книжевни дела со високи вредности (пред сѐ за возрасната читателска публика, но и оние вредни, подлабоки книги за деца и млади). Издавачите чиј концепт, стратегија (па и мисија) е да издаваат книжевни дела, се соочуваат со сериозни проблеми. Таквите дела не се купуваат (освен од книжевните сладокусци и почитувачите на сериозната книжевност), поезијата како жанр е речиси на изумирање, тиражите паѓаат на 300, 200 па дури и 100 примероци, библиотеките не откупуваат ни една десетина споредено со трендовите во другите земји, а откупот на книги за деца и млади од страна на училишните библиотеки и градинките – практично не постои. Во ова време, како што често велам, издавањето книги е борба со ветерници. За среќа, постојат начини да се опстане и не само да се опстане – туку и активно да се дејствува за да се променат работите. Можеби најголемата поддршка доаѓа од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија за превод и циркулација на книжевни дела, која ни овозможува не само да преведеме и да донесеме на македонскиот пазар квалитетни наслови, туку и да ги промовираме, да се запознаеме со авторите, да го прошириме нашето влијание, да ја активираме младата читателска публика преку читања, креативни работилници, разговори, да се обидеме да допреме до библиотекарите и наставниците, да разговараме со родителите, да ја анимираме македонската читателска јавност и да понудиме добри преводи од помали јазици кои инаку не би можеле да дојдат до неа. Оваа програма ни отвора нови можности и за соработка со странски издавачи и ни овозможува и превод и пласман на македонската книжевност и на македонските автори во други европски земји. Да, има многу работа и некогаш борбата со ветерниците заморува, но ние сме вечни оптимисти и не се откажуваме.

Едно хипотетичко прашање: што кога Вие би биле министерка за култура би промениле во однос на критериумите за издаваштво и доделување на државните пари на секторот литература, кој е навистина обемен и независен, неинституционален, бидејќи, се чини, најбројните критики по завршување на Конкурсот за програма од национален интерес, секогаш доаѓаат од писателите и издавачките куќи?

– Не би била никогаш министерка за култура (ха, ха). Но, доколку би советувала некого при креирањето на културните политики, а особено за Конкурсот за национален интерес во литературата, веќе имам пишувано дека можеби најдобар е словенечкиот модел. Идеално би било создавањето на Агенција за книга, која би функционирала на сличен начин како што работи Агенцијата за филм, но, по многу обиди таа да се формира – мислам дека се работи за „невозможна мисија“. Но, од друга страна словенечкиот модел на финансирање е одличен. На конкурсот не се пријавуваат поединечни наслови или автори, туку секој издавач конкурира со одредена програма (двогодишна или тригодишна) – и она што се одобрува е програмата, а не посебните наслови или автори. И, по добиените средства, издавачот сам одлучува колку ќе вложи во секој посебен наслов и како ќе ги распредели тие средства. Некои сметаат дека тоа е можеби погрешен пристап затоа што некои помали издавачи можат да бидат маргинализирани, но од друга страна со тоа се избегнува фаворизирањето на едни автори и дела во однос на други. Исто така, се поттикнува издавање на книги само преку издавачки куќи и посериозна селекција која би ја правеле самите издавачи, со што се намалува хиперпродукцијата и продукцијата на дела кои немаат повисоки книжевни вредности или пак, нема да придонесат во развојот на помалку застапените жанрови. Исто така, во Словенија постои и дополнителен конкурс за развој на читачките навики, каде секоја година се поддржува продукција и откуп на современи дела за деца и млади за училишните библиотеки, нешто што особено недостига кај нас.

Кај нас, денес, има малку книжевни награди. Но, колку се тие валидни, веродостојни?

– Книжевни награди има малку, и повеќето се или ограничувачки или одамна го изгубиле кредибилитетот. Од позначајните кои сѐ уште имаат кредибилитет (до одреден степен, и зависно од година во година), би ги издвоила „Роман на годината“ на фондацијата „Славко Јаневски“ и „Браќа Миладиновци“ на СВП, но споредено со наградите во другите земји од регионот (не ни гледам пошироко), сме во прилично незавидна положба. Сѐ уште немаме пристап до меѓународните награди (за кои треба сериозна работа во рамки на институциите), сѐ уште, за жал – како и на многу други места во светот, за некои награди се фаворизираат машките писатели, а жените се маргинализирани, и слично.

Како еден писател може да функционира надвор од границиве? Имаме ли стратегија за меѓународно презентирање и валоризирање на домашните писатели? Што Вие правите или ќе правите во врска со тоа прашање?

Фото: Кире Галевски

– Реално, секој писател е оставен сам на себе и на своите лични контакти. Ако успее да најде агент, одлично, или ако неговиот издавач успее да се избори да создаде трајни партнерства со други издавачи – тогаш би можел да успее да се пробие и да доживее повеќе преводи на неговите дела во различни земји. Вистинска стратегија за презентирање на македонските автори и книжевни дела немаме. Имаме обиди да го правиме тоа, но бидејќи секоја година нешто се менува и нешто што се востановило година-две, одеднаш прекинува поради немање средства или од други причини – немањето континуитет е всушност исто како да не сме присутни. Годинава направивме обиди преку Македонската асоцијација на издавачи, каде што членуваме, да ја промовираме првата фелоушип програма за време на Саемот на книга. Поканивме пет издавачи и агенти од регионот и пошироко и ги запознавме со македонските автори и македонското издаваштво, имавме средби и состаноци, го посетија Саемот на книга и се надевам дека овие средби ќе резултираат со преводи на наши дела и промоција на некои наши автори. Саемот во Франкфурт е исто така значајно место за промоција на нашата книжевност, па се надевам дека годинава повторно (по поголема пауза) ќе имаме и наш штанд таму. Потребна е и ревизија и поголема видливост на конкурсот на Министерството за култура за поддршка на преводи на македонски дела на странски јазици. Потребна е поисцрпна стратегија, но се надевам дека со заедничка работа како асоцијација ќе успееме да се избориме за тоа. Што се однесува до „Чудна шума“, ние сериозно работиме на преводи и промоции на нашите дела и автори (особено делата за деца и млади) во други земји, пред сѐ во Европа. Досега имаме преку 15 преводи на наши книги на други јазици, а следуваат уште 6,7 во 2025 година.

И покрај новото време на технолошки достигнувања, се чини книгата, особено кај помалите деца, сѐ уште е интригантна. Вие пишувате за најмладите, па која е Вашата водилка кон патот да го намамите нивното внимание? Како знаете што ќе ги привлече, каков тип на приказни? Или, едноставно, ја слушате сопствената фантазија, се водите од личниот инстинкт?

– Во принцип се водам пред сѐ од мојот инстинкт и секако ја употребувам максимално мојата фантазија. Бидејќи никогаш вистински не пораснав, детето во мене следи сѐ што е актуелно – од видеа на јутјуб, музика, цртани, филмови, серии, видео-игрици и знам што му е интересно на денешното дете. Возбудлива (но и длабока) приказна, ликови кои овозможуваат идентификација, некаква интерактивност, добра илустрација и привлечна корица, пораки (или размислувања) што детето ќе ги запомни. Во последно време пишувам подеднакво и за деца и за возрасни, експериментирам, па се враќам назад кон најмалите читатели, сѐ за да се одржам во форма и да не дозволам да ја „задушам“ сопствената креативност.

Кои критериуми се битни за „Чудна шума“ да издаде книга на некој автор?

– Од самиот почеток целта ни е да издаваме околу 75-80% литература за деца и млади, и остатокот да биде проза и поезија. Секако, предност имаат веќе докажаните автори и илустратори со кои редовно работиме, но секогаш оставаме простор за дебитанти – и писатели, и илустратори. Првите 5-6 години бевме многу отворени и остававме повеќе простор за домашните автори-дебитанти, но со зголемување на обемот на работата на полето на преводната литература (а со оглед дека сме мала издавачка куќа), стануваме сѐ поселективни во изборот на книгите што ќе ги издаваме. Тоа секако е условено и од средствата кои ги добиваме на Конкурсот за поддршка на дела од национален интерес на Министерството за култура, кои се недоволни за издавање на квалитетни книги (особено на илустрирани книги за деца каде што имаме двајца автори – писател и илустратор, а печатарските трошоци се речиси тројно повисоки). Мислам дека од оваа година ќе мораме да се ограничиме на помалку домашни автори, од нив не повеќе од една до две илустрирани книги. Ќе бидеме особено селективни со дебитантските автори, иако, морам да признам, некои од нив се огромно изненадување. Ни се случило да добиеме одличен, речиси совршен текст од автор-дебитант, а од опитен автор да добиеме текст кој воопшто не ги задоволува нашите критериуми или едноставно не се вклопува во нашата естетика или уредувачка политика. Како и да е, работите се менуваат, нашата стратегија за следниве 2-3 години е поголем фокус на преводната литература, но пазарот се менува, авторите созреваат и сфаќаат што се бара на пазарите низ Европа, какви книги се ценат и што се преведува. Можеби по три години повторно ќе ја ставиме во фокус домашната продукција.

Фото: Јелена Белиќ

Актуелно е, а тек допрва ќе станува, прашањето за Скопје и титулата Европска престолнина 2028. Сакам и Вас да Ве прашам, какво Скопје сакате да видите за четири години, со кое сите ние би се гордееле?

– Во Европа е актуелен концептот Нов европски Баухаус – пренаменување на стари, запуштени простори во алтернативни културни центри, потоа создавање на „зелени“ катчиња за одржување на културни настани, простори за афирмација на младите уметници, површини од јавниот простор кои би можеле да се пренаменат или да се претворат во уметнички дела, простори кои би можеле да прераснат во уметнички базари, концепт-продавници, креирање на мини летни сцени, летни и зимски фестивали на книгата, интердисциплинарни проекти, урбани уметнички хабови и слично. Сето тоа според мене се некои први чекори кон Скопје во 2028 година, која и не е баш далеку. Идеи има многу и мислам дека треба да се даде шанса (преку отворени конкурси и награди) на младите (и не толку млади) луѓе – уметници, архитекти и сл., да придонесат – со што ќе бидат и дополнително мотивирани. Она што го прави Скопје посебно е токму неговото урбано јадро – кое не смее да се дисперзира и маргинализира, туку да се поттикне заеднички да го креира Скопје како Европска престолнина на културата.

Често се слушаат изјави од типот дека светот е западнат во апатија и причините за тоа се многубројни, ако тоа е вистинскиот опис за колективното непријатно чувство на денешново живеење. Ако е така, каде и во што го наоѓате излезот?

– Една од моите омилени серии е „Каде што живеат дивите луѓе“ („Where the Wild Men are“) со Бен Фогл. Тоа се приказни за луѓе кои го напуштиле нивниот претходен живот (или модерниот начин на живот) и се повлекле да живеат на диви места каде што животот и не е баш лесен – но барем го живеат животот на нивен начин, како што тие сакаат, без да се замараат со тоа што мислат другите. Тоа е едната опција да се живее живот далеку од апатијата и депресијата која живее во големите градови. Другата опција е да се избере да се прави нешто во својот сопствен свет и да се игнорира она што ти пречи и што те турка во апатија и безнадежност. Секако, повремените (пократки или подолги) бегства во природа и патувањата се и повеќе од потребни. А пишувањето и нуркањето во длабочините на сопствениот ум (и фантазија) се лек за сите душевни болки. J

За крај, дали конечно, покрај многуте проекти (пишани изданија во разни форми и содржини), ќе Ви се исполни желбата да пишувате сценарио за долгометражен филм?

– Морам да кажам дека желбата да работам на првото сценарио за долгометражен филм ми се исполни. Во последниве речиси две години работев заедно со Игор Иванов – Изи на сценарио за долгометражен филм, една интересна приказна која иако не е жанр кој особено го љубам, ме обзема целосно и уживав во секој момент од пишувањето. Кога Изи ми ја раскажа неговата идеја за сценарио не бев сосема сигурна како ќе изгледа целиот процес – сепак се работи за сценарио за филм, сосема различен процес на работа од пишување роман или сценарио за серија. Но, бев изненадена колку добра соработка имавме (и имаме) во процесот на работа, колку се разбиравме и се надополнувавме – што според мене е првиот предуслов за успешен производ. Се надевам дека во блиска иднина ќе имаме и филм – па ќе зборуваме дополнително и за него, а во меѓувреме – верувам – ќе се отвори и нова работа – можеби сценарио, можеби драмски текст, а секако работам веќе и на мојот трет роман.

ТИНА ИВАНОВА (Фронтлајн)

АКТУЕЛНО

Поврзани објави