Bus Rapid Transit (BRT) во милост и немилост на политиката – а „очајнички“ му е потребен на Скопје

Скопје се соочува со сериозни проблеми во врска со нарушениот јавен превоз и загадениот воздух, а и политичкиот инает допринесува кон хаосот во градот. Оваа ситуација има негативно влијание врз животот и здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина. Проблемите во јавниот превоз се резултат на недоволно инвестирање и занемарување на потребите на граѓаните.

Недостатокот на ефикасни превозни линии, нередовни распореди, стари возила и недостаток на средства за одржување создаваат неудобности и загуби на време за патниците. Во оваа ситуација, едно можно решение што може да допринесе за ублажување на сообраќајниот проблем е системот на “Bus Rapid Transit” (БРТ).

Bus Rapid Transit е решение за Скопје

Bus Rapid Transit (BRT) или брзиот автобуски превоз ако е проектиран и реализиран како што треба, апсолутно може значајно да допринесе во решавањето на проблемите на сообраќајот во Скопје, вели Проф. др. сц. Никола Крстаноски за Градкса.мк.

Тој понатаму кажува дека би било одлично кога Скопје би можело да изгради метро систем. Градови многу помали од Скопје веќе имаат метро линии кои обезбедуваат брз, ефикасен, масовен превоз во градот. Но, метрото е премногу скапо и во овој момент недостижна цел за Скопје.

„Во поново време имаше повеќе проекти за воведување на трамвај (во времето на градоначелниците Трифун Костовски и Коце Трајановски). Но тие проекти исто така покажаа дека трамвајот е премногу скап. Тогаш како единствена поефтина опција за да се унапреди јавниот градски превоз во Скопје остана брзиот автобуски систем, кој во современи услови ги достигнува сите предности кои би ги имал и трамвајот“, вели Крстаноски, додавајќи дека за жал, во нашата јавност, а и меѓу политичарите остана малку познато што всушност претставува БРТ.

Професорот Крстаноски за Градска.мк вели дека Скопје со својата големина со број на жители и површина мора да го направи следниот чекор, односно воведување на вискокапацитативен брз превоз кој ќе биде физички одвоен и независен од метежот во останатиот сообраќај и ќе работи со возила со поголем капацитет и со еколошки погон.

„Овие напредни видови на јавен превоз со својата квалитетна и брза услуга ќе се наметнат на граѓаните како најдобра опција за движење низ градот. Ако нема квалитена понуда на јавниот градски превоз, може да се прават безброј кампањи во стилот „употребувајте јавен градски превоз за почист воздух“, но од тоа нема да има никакви видливи резултати“.

Што е Брз автобуски систем (BRT – Bus Rapid Transit)

Професорот експерт за сообраќај Крстаноски вели дека  брзиот автобуски систем е целосно нов вид на јавен градски превоз кој нема никакви допирни точки со класичниот автобус, освен што возилата се автобуси. Основни карактеристики се:

– Физички одвоена траса (подигната со рабник, одвоена со столбчиња) заради брзо и непречено движење од останатиот сообраќај.

– Раскрсниците се во ниво, регулирани со светлосни знаци – семафори со обезбеден приоритет за автобусите. Имено системот го дектектира наидувањето на автобусот кон раскрсницата и променува зелена фаза за него, без обѕир во која фаза бил циклусот.

– На вистински БРТ систем наплата е надвор од возило на станиците кои се од затворен тип според примерот кај метро системите. Некои системи кои имаат електронски систем за наплата, имаат наплата и во возило

– Возилата се најчесто зглобни автобуси, а во поново време има двојно-зглобни авѕобуси со должина и до 27 м и со капацитет до 270 патници по возило.

– Погонот во поново време може да биде на LPG, CNG, батерии со полнење на крајните станици и во поново време со горивни ќелии со водорот како гориво.

Политичкиот инает на прв ред, а граѓаните на втор или трет ред

Во април 2021 година  тогашниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и претставникот на Европската банка за обнова и развој го потпишаа Договорот за „Брзи автобуси“ во Скопје ( Бас Рапид Транзит превоз), во износ од 70 милиони евра.

Со проектот требаше да се воспостават две линии со коридори резервирани само за автобусите и тоа од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. За трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче долга 12,80 километри во една насока, се предвидени 21 станица, два терминала – постоечкиот во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче, каде што требаше  да биде изграден нов терминал.  Шилегов тогаш најави дека најдоцна до крајот на 2024 година во Скопје ќе треба да профункционира линијата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, додека втората линија од „трамвајот на тркала“ ќе се пушти во употреба во 2025 година.

Во јули 2021 година Град Скопје  имаше и  презентација на системот за брз автобуски превоз во Скопје, што се одржа во хотелот „Хилтон“, на која тогашниот градоначалникотШилегов, кажа дека воведувањето на БРТ системот во Скопје е еден исклучително важен и голем историски чекор  во урбаниот развој на градот.

Што се случи во меѓувреме

Со доаѓањето на новиот градоначалник Данела Арсовска, која воедно беше поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, овој проект беше стопиран со образложение дека е со недостатоци.

Арсовска набрзо по доаѓањето на градоначалничката функција во Скопје категорично кажа дека нема намера да го имплементира проектот за изградба на автобуско метро или Бас рапид транзит системот (БРТ), започнат од нејзиниот претходник Петре ШилеговТаа тогаш образложи дека граѓаните не дале поддршка на вој проект, туку ја избрале нејзината програма во која ветуваше бесплатен автобуски превоз со 250 нови автобуси.

Вака говореше Арсовска кога дојде на градоначалничката функција, за потоа да го смени мислењето дека во ниту еден момент не кажала дека се откажала од тој план, дека сериозно работи на ревизија на проектот и најавува негова реализација„

Во меѓувреме се плаќаат пенали – по 350 илјади евра годишно камата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), бидејќи кредитот во висина од 70 милиони евра е земен, но проектот не се реализира.

За оваа хронологија на политичките настани за реализација на проектот, професорот Крстановски за Градкса.мк напоменува дека за жал во Македонија препукувањето меѓу политичарите и меѓусебното надмудрување е многу поважно од интересите на граѓаните. Зад тврдењето дека ќе се продолжи проектот за БРТ, но ќе бил подобруван се крие огромна опасност.

„Ако трасата не се води физички одвоено централно, ако стојалиштата не се од затворен тип, ако нема обезбедено приоритет на секоја раскрсница, тоа веќе нема да биде БРТ туку обична автобуска линија малку надградена. На Скопје не му треба да фрла пари за обична автобуска линија. Такви веќе има“, вели професорот крстаноски, поставуваќи го прашањето што ќе се подобрува во проектот кога веќе странските стручњаци го оценија како еден од најдобрите вакви проекти во Европа!

Бус Рапид Транзит (БРТ) е неопходен за Скопје. Тој би решел сообраќајниот хаос, намалил загаденоста на воздухот, обезбедил брз и ефикасен јавен превоз, и подобрил условите за патниците.

Н. А. 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави