Четири години од членството на Македонија во НАТО

Во пресрет на 75-тата годишнина од формирањето на НАТО, во Министерството за одбрана со свечена цеременоија беа одбележани два важни датуми од поновата македонска историја – четвртата годишнина од приемот на државата во Алијансата и 32 години од формирањето на Генералштабот на Армијата.

По тој повод со потпис на министерката за одбрана Славјанка Петровска и на началникот на ГШ генерал Васко Ѓурчиновски на припадниците на Армијата им беа доделени значки и благодарници.

За историјатот на Генераштабот и за премрежјата со кои се соочуваше Армијата говореше бригадниот генерал Симеон Трајковски кој нагласи дека низ трите децении највисоката воена раководна институција повеќе пати се трансформирала и по зачленувањето во НАТО Генералштабот останува посветен на исполнување на задачите и уставните обрвски, потполно е интегриран во НАТО структурите и достигната е борбената готовност на сите единици на Армијата.

Во 1992 година на 28 март е формиран Генералштабот на АРМ со преземање на објектот од поранешната ЈНА. Прв генерал на Армијата е Митре Арсовски кој беше присутен денешната церемонија во МО. Први предизвици биле поставувањето на другите раководни лица, преземањето на касарните, новите униформи – сѐ до она што е Армијата денес, столб на одбраната и институција која ужива голема доверба кај граѓаните. На 27 март 2020 година стана 30-та земја-членка на НАТО.

Зборувајќи за придобивките од членството во НАТО министерката за одбрана Славјанка Петровска нагласи дека со тој чекор како држава сме покажале каде припаѓање.

-Одбравме стабилност и сојузништво наместо деструктивни дејства. НАТО постои за да се заштити себеси. Ние не сме закана, туку како дел од Алијансата водиме политика на одвраќање и одбрана. Промовираме стабилност и безбедност но и дијалог, нагласи Петровска и додаде дека припадниците на АРМ придонесуваат за мирот и безбедноста со учество во неколку мисии на источното крило на НАТО како и на Косово.

– Ова е посебен ден за македонските граѓани кои сакаат стабилна и просперитетна држава. Со членството во НАТО го запечативме нашиот територијален интегритет. Членството во НАТО е најдобрата цел која сме ја обезбедиле за нашите граѓани. Таа цел надпартиски и надетнички нѐ обединува сите и е најдобра гаранција за безбедноста. Привилегија и обврска да јакнеме како држава и да учествуваме во колективната одбрана на земјите членки на Алијансата по принципот „сите за еден, еден за сите“, рече вицепремиерот Бојан Маричиќ.

И Петровска и Маричиќ нагласија дека Македонија ќе продолжи со поддршката на Украина која е жртва на руската воена агресија и ќе продолжи да се опремува и модернизира во согласност со стандардите на НАТО.

На свеченоста во Министерството за одбрана присустуваа претседателот на Собранието Јован Митрески, претставници на кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, претставници од Владата, поранешните министри за одбрана, воено-дипломатскиот кор како и пензионираните генерали на Армијата.

Претходно на свеченост во Воената Академија во Скопје свечена заклетва по повод почнувањето на школувањето во Академијата дадоа триесет млади граѓани, идни офицери на Армијата на Македонија.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави