Ел Нињо, галиите на Џек Спароу и Скопје

Назми Абдурахмани

Ете, ни дојде Ел Нињо и ни го затопли времето, а со тоа ни се појавија и чувствата на пролет среде зима. Но, ако сакате да се прошетате, речиси секое скопско попладне, загадувањето на воздухот е тука да ве потсети како шлаканица дека, сепак, ние сме Мумбај, но без нејзината индустрија.

Воздухот во Скопје, особено во попладневните часови, има свој уникатен мирис. Сличен на мешавина од препечен асфалт, гориво и гуми. Заправо, ако затворите очи и се потрудите малку, можеби ќе заборавите дека сте во Скопје, и да помислите дека сте во индустриска зона.

И додека луѓето во Мумбај можат да се гордеат со индустријата која ги карактеризира, ние ја имаме таа сосема специфична магија на загаден воздух. Сепак, не треба да се обеспокоите, веќе имаме градско планирање за подобрување на воздухот – бесплатниот автобуски превоз, макар тоа да значи еден ден. А да, тука се субвенционираните клима уреди!

Но, ние да се вратиме кај Ел Нињо, и тоа што нè натера, сепак, да излеземе и да си направиме прошетка по центарот на Градот.

На сред плоштад ќе ги сретнете новогодишните куќички кои Градот Скопје ги заборави или можеби не се „заборавени“ туку се оставени за со тек на време некому да му текне да гради многукатници, за да можат жителите да имаат поглед од балкон кон „Воинот на коњ“.  Не се знае!

Веднаш штом ќе поминете низ лавиринтот на новогодишните куќички на плоштадот „Македонија“, ве очекува шеталиштето покрај реката Вардар – Кејот 13 Ноември, и нормално, галиите на капетанот Џек Спароу.

А особено последната што е закотвена на реката. Таа е запалена, искршена и оставена. Можеби намерно е така оставено за привлекување туристи. Но, фали огласна табла дека „тука почива Скопје“.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави