Search
Search

Европска студија: Полесно се дише на планина или покрај езеро, Македонија е кислородна бања

Најновата голема студија спроведена од научното советодавно тело на Европската комисија, покажува дека некои земји-членки на ЕУ би можеле да имаат корист од затоплувањето, додека други би можеле да станат губитници. Нашите планински туристички центри веќе се рекламираат како кислородни бањи и стануваат омилени дестинации не само за постарите, туку и за помладите генерации

Македонскиот туризам, особено планинскиот и езерскиот би можеле да профитираат од климатските промени во европските земји, кои народски кажано туристите би ги избегнувале во широк лак за да не се вријат под вршник. Нашите планински туристички центри веќе се рекламираат како кислородни бањи и стануваат омилени дестинации не само за постарите, туку и за помладите генерации.

Се повеќе помали населени места аплицираат за европски пари за да ја средат инфраструктурата, да направат модерна канализација и да ги претворат своите домови во мали семејни хотели. По Охрид, годинава со солидна туристичка жетва може да се пофалат и Крушево и Берово, кои нудат вистински туристичко-гастрономски пакети.

Најновата голема студија спроведена од научното советодавно тело на Европската комисија, Заедничкиот истражувачки центар (ЏРЦ), покажа дека некои земји-членки на ЕУ би можеле да имаат корист од затоплувањето, додека други би можеле да станат губитници. Проекциите на ЏРЦ се многу важни за Европа, која е најатрактивната туристичка област во светот, со годишна заработка од околу две милијарди евра.

Истражувањата покажаа дека поширокото подрачје на Медитеранот е жариште на климатските промени и дека неговите води се загреваат околу 20 отсто побрзо од просекот на светските океани. За да ја спроведат својата анализа, експертите на ЏРЦ направиле историска проценка на статистичката врска помеѓу ноќевањата, таканаречениот туристички климатски индекс (TЦИ), кој се фокусира на удобноста поврзана со временските услови и други економски варијабли. Го земале предвид и типот на дестинација – дали е градска, приморска, рурална, зимска планина или мешана.

-Имено, високите горештини полесно се поднесуваат во планините, а потешко во големите градови без многу зеленило. Врз основа на овие податоци, експертите направиле предвидувања за тоа како ќе се развива побарувачката на туристите и варијациите во ноќевањата по месеци. Студијата на ЏРЦ беше спроведена за 267 европски региони и покажува дека промените ќе бидат најголеми во крајбрежните области на медитеранските земји, особено во Португалија, Шпанија, Франција, Италија, Грција, Кипар и Бугарија за различни сценарија за затоплување. Ако температурата се зголеми за 4 степени, 80 отсто од европските региони ќе забележат зголемување на побарувачката за туризам во споредба со 2019 година. Покрај географска прераспределба ќе има и сезонска прераспределба. Имено, летата ќе станат помалку атрактивни за туристички посети, додека преодните сезони и зимата ќе станат поатрактивни – покажува студијата на ЏРЦ.

Во оваа насока се и плановите на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, меѓу кои се “Педесет рурални села – педесет туристички приказни” со кој во следните 5 години треба да се заживее селскиот туризам со повеќе од 1.500 нови кревети за сместување во селските домаќинства.

-Иднината на македонскиот туризам е во алтернативните форми на туристичка понуда, но за тоа да стане реалност потребнa e координираност со туристичкото стопанство. Спроведувањето на законите за туристичка дејност на локално ниво се покажа како недоволен, односно општините не можат да ја препознаат моќта која ја има туризмот и можноста за локалниот економски развој. Затоа во поголемиот број на општини нема регистри на сместувачки капацитети, нема инспектори за туризам, не се водат прецизни податоци за платена туристичка такса која има намена за промовирање на дестинациите, категоризација и др. Реархитектуирањето на македонскиот туристички сектор мора да се случи во наредниот пет годишен период, а дотогаш да се постигнат целите за 2025 година од 3,7 милиони ноќевања, 600 милиони долари од туризмот или повеќе од 4 отсто во БДП, повеќе од 45.000 вработени во туристичко-угостителската дејност – оцени Љупчо Јаневски, директор на АППТ.

Извор: Слободен печат

АКТУЕЛНО